
Европската комисија, по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај, порача дека слободата на медиумите и плурализмот се основни принципи на просперитетните демократии.
Европската комисија ја потврдува својата посветеност на почитување на слободата на медиумите и плурализмот во Европската Унија и на промовирање на овие принципи низ целиот свет, се наведува во пораката.
Во пораката се посочува дека и во политичките насоки на претседателката на ЕК, Урсула фон дер Лајен за работата на Комисијата за периодот 2024-2029 година, се посочува дека таа ќе обезбедува спроведување на Европскиот закон за слобода на медиумите.
Комисијата стои зад новинарите и силно ги поддржува во тоа безбедно и сигурно да ја извршуваат својата работа. Ја зајакнуваме нашата поддршка и заштита за независните медиуми и новинари, намалувајќи го притисокот и неетичкото однесување што ја загрозуваат нивната работа, се додава во пораката.
Европската комисија посочува и дека Европскиот закон за слобода на медиумите, кој треба да почне да се применува во земји членки на ЕУ од 8 август, ќе придонесе за подобра заштита плурализмот и независноста на медиумите и ќе ја зголеми транспарентноста и праведноста.
Во 2021 година, Комисијата издаде Препорака за заштита и безбедност на новинарите, чија цел да е овозможување побезбедни услови за работа на сите медиумски професионалци, без страв и заплашување, со посебен акцент на новинарките. Дополнително, таа усвои и правила за заштитата на новинарите и активистите за човекови права алатки од тенденциозни судски постапки чија цел е нивно замолчување.
Продолжуваме да ги следиме случувањата поврзани со слободата на медиумите и плурализмот во сите земји членки во контекст на годишниот извештај за владеење на правото. Слободата на медиумите, исто така, ќе биде важен дел од претстојниот Европски штит за демократија, додаваат од Европската комисија во пораката по повод Светскиот ден на слободата на медиумите – 3 мај.
Извршната потпретседателка на ЕК за технолошки суверенитет, безбедност и демократија, Хена Виркунен изјави дека Комисијата е посветена на тоа Европа да остане светилник за слободата на медиумите и плурализмот.
На Светскиот ден на слободата на печатот, не славиме само концепт, туку и конкретно се обврзуваме на демократија. Безбедноста на новинарите е во прашање. Минатата година, бројот на насилни инциденти против новинарите се зголеми, а неколкумина ги загубија животите низ целиот свет. Ова е неприфатливо, рече Виркунен.
Според еврокомесарот за демократија, правда, владеење на правото и заштита на потрошувачите Мајкл Мекграт, новинарите се чувари на демократијата.
Нивната бестрашна потрага по факти и транспарентност не обврзува сите. На овој Светски ден на слободата на печатот, мора да ја поддржиме нивната критичка работа и да ја заштитиме нивната независност – за нашите права, за нашите слободи, за нашите вредности, истакна Мекграт.