Skip to main content

Цивилна одбрана во Газа: 13 лица загинаа во израелски напади во близина на центар за помош

Freepik

Цивилната одбрана на Газа денеска соопшти дека 13 лица се убиени во напади на израелските сили на две одделни места, а шест од нив се убиени во пукотница во близина на центар за помош поддржан од САД на југот од палестинската територија.

Околу 7:00 часот утрово, шест лица се убиени, а неколку други се ранети во напад на „израелските окупациски сили“ во близина на кружниот тек Алам, каде што луѓето се собрале за да добијат хуманитарна помош од американскиот центар во јужната област Рафа – изјави Махмуд Басал, портпарол на цивилната одбрана на таа територија.

Жител на Газа, кој бил присутен, изјави дека илјадници луѓе се собрале околу кружниот тек и додека стотици од нив се обидувале да влезат во центарот за помош, израелските окупациски сили отвориле оган од оклопни возила лоцирани веднаш до центарот, прво пукајќи во воздух, а потоа и кон цивилите.

Засега нема коментар на израелската армија.

Неодамна се случија повеќе трагедии во близина на центарот за помош управуван од Хуманитарната фондација Газа (GHF), организација со нетранспарентно финансирање и поддржана од САД и Израел.

GHF започна со операции во Газа кон крајот на мај, по делумното укинување на целосната двомесечна израелска блокада, кога населението на таа палестинска енклава беше лишено од секаква хуманитарна помош.

ОН одбиваат да соработуваат со организацијата.

Уште седум лица беа убиени денеска, а неколку други беа ранети, вклучувајќи деца, во израелски напад утрово околу 5:00 часот врз куќа во близина на болницата Ал-Шифа во близина на градот Газа, на север од палестинската територија, рече Басал.

Американски медиуми јавија за најмалку 22 лица убиени во Газа во текот на ноќта помеѓу петокот и саботата.

Поврзани вести