
Американскиот претседател, Доналд Трамп, утре во Вашингтон прво ќе одржи средба само со украинскиот претседател, Володимир Зеленски, додека европските претставници потоа ќе присуствуваат на работен ручек и продолжение од разговорите, наведува германскиот весник Билд, повикувајќи се на извори запознаени со ситуацијата.
Во делегацијата на европските „тешкаши“ покрај германскиот канцелар Фридрих Мерц ќе бидат и францускиот претседател Емануел Макрон, италијанската премиерка Џорџа Мелони, финскиот претседател Александар Стаб, британскиот премиер Кир Стармер, претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и генералниот секретар на НАТО Марк Руте.
Причината за посетата е потенцијалното постигнување мировен договор меѓу Украина и Русија.
Зеленски претходно објави дека ќе се сретне со Трамп во понеделник, по самитот на американскиот и рускиот претседател одржан во Алјаска, каде што лидерите разговараа за евентуално завршување на конфликтот.
Европските лидери, предводени од Мерц, претходно инсистираа дека за мир може да се разговара само откако ќе се постигне примирје, но Трамп, според „Билд“, одлучил да го забрза процесот.
Американскиот претседател најави можност за трилатерална средба со Зеленски и рускиот претседател Владимир Путин до крајот на следната недела, но под услов разговорот со украинскиот лидер во Овалната соба да помине добро, заклучува „Билд“.