Skip to main content

Австралија го потврди првиот случај на птичји грип кај домашна морска птица

Пиксабеј

Австралија денеска го потврди првиот случај на смртоносниот вирус на птичји грип Х5Н1 кај домашна морска птица.

Лабораториските испитувања на австралиската национална научна агенција го потврдија случајот кај голема чигра пронајдена во крајбрежниот град Роуб во Јужна Австралија – изјави министерката за земјоделство Џули Колинс.

Како што се наведува, ова е прва потврдена инфекција кај австралиска морска птица, а сите останати случаи беа пронајдени кај морски птици преселници. Со ова, вкупниот број на потврдени случаи во земјата се зголеми на 12, откако властите денеска потврдија две дополнителни инфекции во Јужна Австралија и една во Западна Австралија.

Колинс рече дека развојот на настаните е „загрижувачки“, но не и неочекуван, додавајќи дека сè уште нема докази за масовна смртност или за ширење во живинарскиот или поширокиот земјоделски сектор.

Австралија во јуни стана последниот континент што потврди случај на Х5Н1 на копното, иако вирусот беше откриен на крајот на 2025 година на субантарктичката територија на островот Херд, на околу 4.100 километри од континентална Австралија.

МИА

Поврзани вести