
Мостот „Генерал Михајло Апостолски“ конечно се става во функција – напиша скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски на „Фејсбук“ нагласувајќи дека со години бил симбол на застојот.
Кај скопјани остана запаметен како „мостот што водеше во дневна соба“ или „мостот за ловење риба“. Конечно, станува мост што ќе ги поврзува луѓето, ќе го забрзува сообраќајот и ќе го менува секојдневието на граѓаните. Ова е резултат на силна волја, чесен збор и секојдневна, макотрпна работа – додаде градоначалникот.
Тој посочи дека кога ја презел одговорноста да го води Скопје, ветил оти овој проблем ќе биде решен во текот на четиригодишниот мандат. Ѓорѓиевски истакна дека со гордост може да каже дека ова ветување се исполнува за помалку од една година.
Во изминатиот период, посочи тој, решен бил најголемиот предизвик – експропријацијата.

По истекот на рокот за преселување на семејствата што живееја на трасата, денес почнуваме со расчистување на булеварот АСНОМ, токму од мостот „Генерал Михајло Апостолски“, со што почнува неговото конечно ставање во функција. Паралелно продолжува и процесот на експропријација на преостанатиот дел од булеварот, сѐ до неговото целосно завршување. Од срце сакам да им изразам благодарност на луѓето со кои денес заеднички испишуваме едно ново поглавје. Благодарам на чесните, достоинствени и домаќински семејства, кои покажаа разбирање и мудрост, кои подадоа рака таму каде што со години имаше застој. Благодарам за довербата, за човечкиот однос. Денес, тие не се дел од проблемот, туку од решението – додаде Ѓорѓиевски.
Тој им се заблагодари и на своите колеги, градоначалниците на општините Аеродром и Гази Баба – Дејан Митески и Бобан Стефковски – за нивната посветеност, поддршка и заедничка борба овој долгогодишен проблем, конечно, да стане минато.

Но, ова не е единствениот откочен проект. За само неколку месеци ги откочивме „Момин Поток“, булеварот Борис Трајковски, мостот на „Љубљанска“ и подземната сообраќајница на булеварот Македонија – проекти што со години изгледаа како недостижна желба, а денес чекор по чекор стануваат реалност. Тоа е разликата кога има визија. Тоа е разликата кога има храброст да се носат одлуки. Тоа е разликата кога се работи секој ден, без изговори. Тоа е разликата кога дадениот збор пред народот е света обврска, а не празно политичко ветување – истакна градоначалникот.
Ѓорѓиевски нагласи дека секоја завршена улица, секој откочен проект, секој нов мост е доказ дека Скопје повторно се движи напред.
Ова е резултат на силна, искрена и неуморна работа. Но, повеќе од сѐ, ова е резултат на довербата што секојдневно ми ја давате вие, мојот народ. Таа доверба е мојата најголема сила и најголема обврска. Кога има искрена намера, кога има чесен пристап и кога постои љубов кон својот град, нема невозможни проекти. Продолжуваме уште посилно. За Скопје што повторно победува. За Скопје какво што го сакаме. За Скопје какво што го заслужуваме – се додава во објавата на Ѓорѓиевски на „Фејсбук“.

Македонски


