
Манастирите на Света Гора ги засилија мерките за заштита од шумски пожари во текот на летната сезона, а во системот за рано откривање на огнот сè поголема улога имаат дроновите, камерите и детекторите за чад.
Грчките медиуми објавуваат дека противпожарните сили на Атос се во постојана готовност поради специфичностите на теренот, високите температури и густата вегетација, кои можат да го зголемат ризикот од избувнување и брзо ширење на пожарите.
Подготовките за летната сезона започнале уште напролет. Била проверена состојбата на шумската патна мрежа, а на местата каде што биле утврдени оштетувања биле извршени интервенции. Проверени биле и местата за снабдување со вода и резервоарите, додека секој манастир го надгледува и одржува подрачјето околу себе во координација со противпожарните служби.
Посебен акцент е ставен на современата технологија. Манастирот Ватопед обезбедил 24-часовен надзор на подрачјето со приватен дрон, а кај Скитот „Свети Димитриј“, кој му припаѓа на манастирот, е воспоставена база за готовност на дронови.
Во подрачјето за кое е одговорен манастирот Хиландар, пак, е предвидено поставување камера со три детектори за чад. Целта е евентуалниот пожар да биде забележан што е можно порано и значително да се скрати времето потребно за реакција на противпожарните екипи.
Ватопед располага и со доброволна противпожарна единица од 23 лица, во која се вклучени монаси сертифицирани од противпожарната служба, како и други доброволци. На Света Гора годинава биле организирани и две противпожарни вежби – во манастирите Ивирон и Ватопед.
Во текот на противпожарниот период, од 1 мај до 31 октомври, на полуостровот важи строга забрана за палење оган. Поклониците кои пристигнуваат по море се информираат за забраната преку снимени пораки на пет јазици.
Според грчките медиуми, досега летово на Света Гора не е регистриран сериозен пожар. Противпожарната служба интервенирала во одделни случаи, а нејзините екипи, покрај заштитата од пожари, учествуваат и во спасувачки акции на посетители кои се искачуваат кон врвот Атос, висок 2.033 метри.

Македонски


