Skip to main content

ЗНМ: Извештајот на „Репортери без граници“ е реален показател за потребата од реформи во медиумскиот сектор

Во најновиот извештај на Репортери без граници (RSF), Македонија бележи пад од шест позиции на Светскиот индекс за слобода на медиумите за 2024 година и се рангира на 42 место. ЗНМ го смета извештајот за реален и балансиран приказ на состојбите, кој јасно ги посочува постојните предизвици и потребата од суштински реформи.

Во правниот дел, извештајот нотира дека националното законодавство сè уште не е усогласено со европските стандарди, а злоупотребата на т.н. SLAPP тужби (стратешки тужби против јавна партиципација) останува механизам за притисок врз критичките медиуми и новинари.

Во делот за безбедност, и покрај позитивниот чекор со назначувањето на контакт точки во ЈО и МВР за случаи на напади врз новинари, извештајот бележи продолжени случаи на заплашување, притисоци и напади кои го нарушуваат чувството на сигурност кај новинарите, особено кај оние што известуваат за злоупотреба на моќ и корупција.

Извештајот укажува на тенденцијата носители на јавни функции да имаат негативни и понижувачки ставови кон новинарите, а таквиот однос создава атмосфера на недоверба и недостоинство, која лесно се прелева и во јавниот дискурс, но и во реални закани и напади врз новинари.

Во економскиот дел, се истакнува дека финансирањето на медиумите е ограничено и нетранспарентно, а редакциите често се подложни на економски влијанија.

Извештајот се однесува на изборната 2024 година, во период на поларизирана политичка клима која резултираше со засилен партиски дискурс во јавната комуникација и медиумите.

Овие наоди, според ЗНМ, претставуваат јасен сигнал до институциите дека се неопходни итни и координирани реформи за зајакнување на медиумскиот сектор и подобрување на положбата на новинарите. Клучните приоритети треба да бидат:

Усогласување на националното медиумско законодавство со Европскиот акт за слобода на медиумите (EMFA), за да се обезбеди покохерентна и транспарентна правна рамка.

Формирање на фонд за поддршка на медиумскиот плурализам, со цел зајакнување на независноста и одржливоста на професионалното новинарство.
Ефикасно решавање на сите сериозни случаи на закани и напади врз новинари, вклучувајќи проширување на институционалните механизми и надвор од главниот град.

Воведување на правни заштити против злоупотреба на SLAPP-тужбите, со цел заштита на новинарите кои известуваат во интерес на јавноста.
Политичарите, особено оние на позиции на моќ, треба да преземат одговорност и да придонесат кон создавање на култура на почит, транспарентност и конструктивна комуникација со медиумите. Преку јавно признание на улогата на новинарите во демократското општество и воздржаност од навредлив говор, може значително да се подобри целокупната медиумска средина и да се зајакне довербата на јавноста.

ЗНМ останува посветено на поддршка на реформите што ќе ја унапредат слободата на изразување, ќе ги подобрат условите за работа на новинарите и ќе придонесат кон зголемување на довербата на јавноста во медиумите.

Поврзани вести