
На Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе се гради универзитетски фузиран центар за сајбер безбедност, а почетокот на активностите денес го најавија министрите за образование и наука и дигитална трансформација Весна Јаневска и Стефан Андоновски, в.д. шефицата на мисијата на амбасадата на САД, Никол Варнс, ректорот проф. д-р Дејан Мираковски и координаторот на проектот проф. д-р Методи Хаџи Јанев.
Според министерката Јаневска, во време кога дигитализацијата е присутна во секој сегмент од живеењето, стратешки приоритет е да се вложува во сајбер безбедност и дигитална отпорност. Проектот, како што посочи, е дел од визијата за создавање на институции и системи кои ќе бидат поотпорни на закани, како и кадри со знаење и вештини да одговорат на сајбер предизвиците.
Значајно е што Македонија се препознава како земја во регионот што има капацитет прва да го имплементира овој проект и што во рамки на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип ќе има центар кон кој ќе се поврзат и Албанија и Црна Гора. Овој центар, кој ќе обединува образование, истражување и практична одбрана од сајбер закани, ја прави Македонија регионален хаб за знаење и компетенции во сферата на сајбер безбедноста“, потенцираше Јаневска.

Министерството за образование и наука настојува уште од најраните образовни нивоа да се развива свест и дигитални навики кај учениците. Сајбер-безбедноста е темелна компетенција на современото општество и затоа низ основното и средното образование учениците постепено стекнуваат систематизирани знаења и практични вештини, кои се основа на која понатаму, во високото образование, можат да се градат поединци и тимови подготвени да ја јакнат националната дигитална отпорност.
Како дел од поважните активности на МОН насочени кон развивање програми и иницијативи за јакнење на капацитетите за справување со сајбер-закани, министерката издвои дека со поддршка на Канадската амбасада изготвен е Водич за препознавање и спречување на сајбер-насилство и стекнување на вештини за примена на мерки за сајбер безбедност, додека со поддршка на Владата на Обединетото Кралство формирани се клубови за сајбер безбедност во 10 средни училишта и опфатени се 150 ученички од втора и трета година, но и наставници за ИТ и кариерни советници кои поминаа обуки низ повеќе работилници.
Заедно со Факултетот за информатика во Штип, изготвен е Водич за вештачка интелигенција, наменет за наставниците и стручните соработници, во кој е опфатена и заштитата од злоупотреби. Во рамки на задолжителните обуки за наставниците, справувањето со сајбер заканите се изучува преку посебен модул.
Министерството за образование и наука во делот на инфраструктурата, секоја година ги зголемува средствата за опремување на училишта со современа ИТ технологија и безбедна интернет мрежа. Досега над 100 училишни објекти се опремени со безбеден безжичен интернет, кој отфрла сајбер напади и не дозволува пристап до непроверени и несоодветни веб страни и апликации“, информираше министерката.
Изрази благодарност до Бирото за Европа и Евроазија при Министерството за надворешни работи на САД за спонзорирањето на изградбата на центарот, како и до CRDF Global, кој го спроведува проектот, кој пак е дел од Програмата за сајбер безбедност и дигитална отпорност на земјите од Западен Балкан.
Министерство за образование и наука

Македонски



