Skip to main content

Честоева: Нацрт-националната стратегија е прв стратешки документ за заштита и користење на културното наследство со јасно поставени приоритети

МИА

Нацрт-националната стратегија за заштита и користење на културното наследство за период 2026-2030, заедно со Акцискиот план, е стратешки документ со којшто се утврдуваат визијата, приоритетите и насоките за системска, одржлива и современа грижа за културното наследство на државата. Тоа претставува прв стратешки документ од областа на заштитата и користењето на културното наследство, изјави Весела Честоева, директорка на Управата за заштита на културното наследство, на jавната расправа поврзана со предлог – стратегија за заштита и користење на културното наследство.

На расправата беше нагласено дека Стратегијата е најзначајниот документ преку кој државата ги определува неопходните институционални рамки, административни алатки и мерки, приоритетни цели и активности во заштитата на културното наследство, како и нивните носители.

Морам исто така да, да споменам дека жално е тоа што во Република Македонија овој документ не е донесен досега од постоењето на независна Република Македонија, што претставува според мене голем хендикеп, бидејќи, еден таков стратешки документ навистина е многу битен во делот на заштитата на културното наследство, за да знаеме ние како држава како да ја водиме и во кој правец, рече таа.

Потсети дека во извештајот на Европската комисија, неколку години наназад, во Поглавјето за образование и култура беше нотирано дека овој стратешки документ треба да се донесе. -И како директор со моето доаѓање во Управата се зафатив со овој дел, формирав работна група и се изработи овој нацрт документ којшто ги помина сите фази за да дојдеме денес до главната јавна расправа, посочи Честоева.

Во однос на тоа кој е најалармантниот дел за заштита на културното наследство, Честоева посочи дека нема сегмент каде што ситуацијата не е алармантна, посочувајќи го како пример Скопското Кале.

Нема сегмент кај што не е алармантна ситуацијата, затоа што изминатите години, фокус беше ставен во најголем дел на археолошките истражувања. Значи, неколку капитални проекти беа спроведени од страна на државата и за жал тој материјал не беше доволно ниту инвентариран, ниту конзервиран. И јас би сакала да споменам еден пример којшто навистина е алармантен. Тоа се капиталните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Кале, коишто во изминатите десет години беа оставени буквално, на милост и немилост горе на археолошкиот локалитет, а сега со ставањето на функција на двата музеи коишто Управата за заштита ги работи и коишто треба да ги стави во функција на Скопје – Европска престолнина на културата, ние се соочуваме со фактот дека овие предмети не биле ниту инвентарирани. Зборувам за предмети коишто биле дел од археолошките ископувања пред десет години. Значи ние мораме да ставиме ред во заштитата и да почнеме системски да работиме, нагласи таа.

Нацрт-стратегијата претставува резултат на стручна анализа, институционална координација и потребата од усогласување со меѓународните стандарди и добри практики во областа на заштитата, управувањето со ризици, дигитализацијата и одржливото користење на културното наследство. Во фокусот на документот се – анализа на состојбата со културното наследство, унапредување на нормативната и институционалната рамка, зајакнување на капацитетите за заштита и конзервација, интегрирање на културното наследство во развојните политики, поттикнување на јавната свест и едукација, развој на одржливи модели на користење и валоризација, примена на современи технологии и дигитални алатки, рече таа.

Честоева посочи дека Нацрт- стратегијата е изработена од страна на стручна работна група формирана со решение на УЗКН, составена од претставници на релевантни институции од областа на заштитата на културното наследство, експерти, научни работници и практичари во соработка со Министерството за култура и туризам.

Работната група во текот на изработката спроведе анализа на постојната состојба, ги согледаа предизвиците во системот на заштитата и управувањето како и потребата од усогласувањето со меѓународните стандарди и добри практики, додека јавната презентација има за цел транспарентно претставување на стратешките определби и отворање простор за стручна и јавна дискусија по сите горливи прашања во заштитата и користењето на културното наследство. Со оваа стратегија поставуваме рамка за негова долгорочна заштита и активно користење во функција на одржливиот развој со што остануваме посветени на културното наследство како темел на нашиот идентитет и заедничка одговорност, рече Честоева.

Информираше дека на 18 февруари годинава била одржана јавна презентација на Стратегијата на која присуствувале стручни лица од институциите од областа на заштитата, како и претставници од невладиниот сектор и од научната област, а истата, согласно член 49 од 33КН беше доставена до Националниот совет за културно наследство каде беше едногласно прифатена.

На 26 март, додаде таа, Нацрт-стратегијата заедно со Акцискиот План била поставена на ЕНЕР, и се констатира дека по објавувањето и неговата достапност за јавноста во период од 20 дена не се доставени забелешки или коментари од засегнатите страни. Додаде дека за Нацрт-стратегијата и Акцискиот план биле побарани мислењеа и од државни органи, струкови, како и од 30 институции од областа за заштита на културното наследство.

Од овој процес се очекува да се обезбеди инклузивен и транспарентен дијалог помеѓу институциите, стручната јавност. граѓанскиот сектор и локалните заедници, со цел да се добијат квалитетни и применливи решенија. Особено е важно да се слушнат мислењата и предлозите на сите засегнати страни, со што стратегијата ќе добие реална основа и ќе одговори на конкретните предизвици на терен. Очекувањата од стратегијата се насочени кон воспоставување на јасни приоритети за заштита на културното наследство, подобрување на институционалната координација, зајакнување на капацитетите и обезбедување одржливо финансирање, рече Честоева.

Истакна оти се очекува интегрирање на современи пристапи, како што се дигитализацијата, управувањето со ризици и климатските влијанија, како и поттикнување на културното наследство како ресурс за локален развој и туризам.

Крајната цел е создавање на одржлив систем кој ќе овозможи заштита на културното наследство како вредност од јавен интерес, но и негово активно вклучување во современите општествени и економски текови, на начин што ќе ја зачува неговата автентичност и значење за идните генерации, додаде таа.

Јане Клековски, претседател на Националната комисија за културно наследство, истакна дека Националната стратегија имала за цел најпрво да ги соочи проблемите и состојбата на културно наследство, потоа да изготви планови и начини за реорганизација на самите установи, на стручниот кадар, за реорганизација за нивно управување, за финансирање, а потоа и да се поработи на еден сегмент – а тоа е јавната свест за културното наследство и доближување на културното наследство до јавноста.

МИА

Поврзани вести