
ВМРО-ДПМНЕ упати остри критики кон лидерот на СДСМ, Венко Филипче, обвинувајќи го дека води политика која, според партијата, е во корист на Бугарија, а на штета на македонските национални интереси.
На прес-конференција, членот на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, изјави дека Филипче треба да престане со, како што рече, „потчинета политика“ во однос на билатералниот спор со Бугарија.
„Од Бугарија се радуваат кога гледаат дека во Македонија има мала група политичари кои за власт би ги распродале и државните интереси“, рече Манасиевски, посочувајќи дека СДСМ и Венко Филипче водат политика која, според него, е на иста линија со ставовите на официјална Софија.
Тој во своето обраќање оцени дека политиките на Филипче се штетни за државата, но и за самиот СДСМ, додавајќи дека дел од неговите поранешни соработници јавно го советувале да не инсистира секојдневно на темата за уставните измени.
Манасиевски истакна дека Филипче продолжува да ги претставува уставните измени како клучен чекор за напредокот на земјата кон Европската Унија, оценувајќи дека таквиот пристап не нуди решение за предизвиците со кои се соочува државата.
Во обраќањето, претставникот на ВМРО-ДПМНЕ се осврна и на односите со Бугарија, при што изјави дека Софија со години чекала политичари кои ќе ги прифатат нејзините барања, алудирајќи на поранешниот премиер Зоран Заев и актуелниот лидер на СДСМ, Венко Филипче.
„На Бугарија не ѝ се брза. Тие со децении чекаа да дојде некој како Зоран Заев, па нема да им биде проблем повторно да чекаат некој сличен“, изјави Манасиевски.

Македонски


