
Ова беше најтрагичниот момент во историјата на мојот народ, момент што засекогаш ќе остане во колективната меморија, но исто така она што ќе остане во нашата колективна меморија и не треба никогаш да го заборавиме е солидарноста што ја добивме, истакна министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски од Солун по посетата на повредените од пожарот во Кочани, хоспитализирани во болницата Папаниколау, јави дописничката на МИА од Грција.
Муцунски и министерот за здравство Арбен Таравари утрово се во посета на двете солунски болници, каде што се хоспитализирани петмина повредени, а министрите ги придружуваат заменик-министерот за внатрешни работи на Грција Костас Јулекас надлежен за областите Македонија и Тракија и заменик-министерот за надворешни работи Тасос Хаѕивасилиу.
По посетата на болницата Папаниколау, во изјава за грчките медиуми, шефот на дипломатијата истакна дека од она што биле информирани, „пациентите се во сериозна, но стабилна состојба“.
Она што го видовме и посведочивме утрово е прекрасна медицинска помош. Ќе го цитирам она што ни го кажа главниот доктор кој се грижи за овие пациенти: „Вашите деца се наши деца“, рече Муцунски.
Додаде дека некои од родителите барале во нивно име да изрази благодарност до докторите и до медицинскиот персонал за грижата што ја добиваат нивните деца, а паралелно упати благодарност и до Грција и грчкиот народ во името на нашата земја и народот.
Заедно со мојот колега, министерот за здравство дојдовме денеска овде за да ја изразиме нашата благодарност, да се молиме дека никогаш нема да треба да возвратиме на ваков тип на длабока солидарност. Благодарност до грчките граѓани, до грчката Влада за нивната отвореност, истакна министерот.
За трагичното утро, рече дека еден од првите разговори што ги имал бил со неговиот грчки колега, Јоргос Герапетритис, додавајќи дека од Грција не само сочувство и зборови, постоеше и практична помош.
Првите пациенти кои ја напуштија нашата земја беа оние кои дојдоа тука во Солун. Градот кој е блиску до нас од многу причини и кој се надевам дека нема повторно да биде блиску до нас од овие причини, рече министерот.
Потсети дека освен во Солун и во Атина се хоспитализирани повредени лица, кои синоќа беа пренесени со авион на грчкото воено воздухопловство, а паралелно се осврна и на помошта и од други земји.
Муцунски и Таравари од болницата Папаниколау каде што се хоспитализирани три лица, заминаа за воената болница во Солун, каде се лекуваат други двајца повредени, сите со тешки изгореници.