Skip to main content

Toшковски со кампања на Табановце: „Безбедно во лето – Вози одморен“

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски ќе го посети граничниот премин „Табановце“ и со претседателот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) Горан Ангеловски ќе ја промовираат летната превентивна кампања „Безбедно во лето – Вози одморен“

Кампањата за побезбеден сообраќај во текот на летото минатиот месец беше промовирана на граничниот премин „Богородица“, каде присуствуваа министерот Тошковски и претседателот на РСБСП Ангелов.

Според МВР, покрај пречекорување на дозволената брзина и возење под дејство на алкохол, заморот претставува една од клучните причини за сообраќајни несреќи во текот на летниот период. Особено ризична е делницата од граничниот премин „Табановце“ до Гевгелија и во двата правци, каде секоја година се бележат повеќе сообраќајки со сериозни последици.

Кампањата има за цел да ги потсети возачите на опасностите што ги носи заморот зад воланот, на сериозните последици што може да настанат од сообраќајки предизвикани од ненаспаност и намалена концентрација, како и да ги охрабри да прават редовни паузи, да пијат повеќе течности, да патуваат одморени и да го запрат возењето веднаш штом ги забележат првите симптоми на замор.

Оваа состојба се должи на тоа што станува збор за дел од европскиот транспортен коридор, по кој секојдневно се движат илјадници возила. Возачите, изморени од долгите часови зад воланот, често ја губат будноста и концентрацијата, а не е реткост некои дури и да заспијат при возење – што резултира со несреќи од трагичен карактер. Со оглед на ваквата ситуација, Министерството за внатрешни работи и Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, во текот на летната сезона, ќе спроведат едукативно-превентивни активности на двете насоки од Коридорот 10, под мотото „Безбедно во лето  – вози одморен“

Поврзани вести