Skip to main content

Судот во Стразбур вторпат реагира за незаконските „БОМБИ“ на Заев и злоупотребата од СЈО

SDSM ORG

Европскиот суд за човекови права во Стразбур официјално се обрати до македонската влада во врска со апликацијата на бизнисменот Сеад Кочан, отворајќи суштински правни прашања за користењето на прислушувани разговори како докази во кривична постапка која заврши со правосилна пресуда со клоја тој беше осуден на казна затвор во траење од 4 години и 8 месеци, пишува ПЛУСИНФО.

Со комуникацијата од 2 февруари 2026 година, објавена денеска, 23 февруари, Судот го става под лупа суштинското прашање дали судењето во предметот „Труст“ било фер, со фокус на тоа дали пресудата била заснована на докази добиени преку незаконско прислушување.

Прашањата што ги поставува Судот во Стразбур веќе се морална победа на одбраната во случајот „Труст“
Во комуникацијата со владата во Скопје, Стразбур нагласува дека предметот се однесува на кривичната постапка против апликантот Сеад Кочан, во која тој бил осуден за злоупотреба на постапката за јавна набавка, при што обвинението, меѓу другото, се потпирало и на аудио-снимки од пресретнати разговори. Овие аудио-материјали биле користени како доказ во постапката и биле дел од доказниот корпус врз кој судовите ја темелеле пресудата.

Клучниот момент е што Судот во Стразбур директно поставува прашање дали апликантот имал правично судење во смисла на член 6 од Европската конвенција за човекови права, особено имајќи ги предвид околностите во кои биле прибавени и користени аудио-снимките од наводно незаконски пресретнатите комуникации. Со ова формулирање, Судот јасно сигнализира дека не го игнорира спорното потекло на доказите, туку го става во центарот на анализата на прашањето дали постапката била фер.

Дополнително, Стразбур бара од Владата да се изјасни и дали биле почитувани принципите на контрадикторност и еднаквост на оружјата, односно дали одбраната имала реална можност да се запознае со доказите и да ја оспори нивната автентичност. Судот експлицитно ја проблематизира ситуацијата во која одбраната не ги добила аудио-снимките на носач на податоци, туку само нивни транскрипти, што отвора сериозни дилеми за можноста за ефективна експертска анализа на доказите.

Автентичноста, интегритетот и контекстот на нелегалните снимки не се форензички докажани


Според описот на предметот, обвинението поднесено од Специјалното јавно обвинителство се потпирало, меѓу другото, на аудио-снимки од пресретнати разговори поврзани со спорната јавна набавка, а судовите ги прифатиле како законито прибавени докази. Врховниот суд, пак, во конечната одлука оценил дека снимките биле законито користени и дека одбраната имала можност да ја оспори нивната употреба во постапката.

Од друга страна, во апликацијата до Стразбур, апликантот тврди дека неговото судење не било правично токму затоа што клучната доказна основа се темелела на незаконски прислушувани разговори. Тој посочува дека овие разговори биле прибавени без судска наредба и надвор од редовна законска процедура, што, според него, директно го нарушува принципот на владеење на правото и правната сигурност.

Апликацијата дополнително нагласува дека судовите им дале значителна тежина на прислушуваните разговори, не само како спореден, туку како суштински доказ за утврдување на вината. Според наводите, токму врз основа на тие разговори биле извлечени заклучоци за наводната координација и намера на обвинетите во постапката за јавна набавка.

Еден од централните аргументи на апликантот е дека автентичноста, интегритетот и контекстот на разговорите никогаш не биле форензички утврдени. Во апликацијата се тврди дека не било спроведено експертско вештачење за идентификација на соговорниците, за потеклото на снимките и за нивната техничка исправност, што, според одбраната, остава простор за сомнеж во нивната доказна вредност.

Дали Обвинителството имало доминантна контрола врз доказите?


Особено значаен е и аргументот за нееднаквост на оружјата, бидејќи, според апликацијата, целокупниот корпус на прислушувани материјали бил под ексклузивна контрола на Обвинителството. Одбраната немала пристап до сите снимки од релевантниот период, туку само до селектиран дел, што отвора дилема дали постоеле и материјали кои би можеле да бидат во корист на одбраната, но не биле доставени.

Стразбур токму ова прашање го става меѓу клучните дилеми во комуникацијата со Владата – дали обвинителството имало доминантна контрола врз доказите и дали постоела ефективна процедура за оспорување на нивната селекција. Ваквото формулирање покажува дека Судот не ја анализира само законитоста на доказите, туку и процесната рамнотежа меѓу обвинението и одбраната.

Дополнителен аспект кој го отвора апликацијата е и фактот дека одбраната не можела да спроведе независно вештачење на аудио-снимките, бидејќи не ги добила оригиналните материјали. Наместо тоа, добила транскрипти, што суштински ја ограничува можноста за проверка на автентичноста, евентуалната манипулација или контекстуалната интерпретација на разговорите.

Клучно прашање е дали одбраната имала реална можност да ги оспори снимките – ако немала, судењето не било фер!


Правно гледано, Европскиот суд не утврдува автоматски дали некој доказ е незаконит во националното право, туку оценува дали неговата употреба довела до неправично судење во целина. Затоа, клучното прашање што го поставува Судот не е само дали разговорите биле незаконски прибавени, туку дали нивната употреба, во комбинација со ограничени права на одбраната, го нарушила принципот на фер постапка.

Дополнително, Судот бара да се оцени и дали контрадикторноста на постапката била почитувана, односно дали одбраната имала вистинска, а не формална можност да ги оспори доказите. Ова е особено релевантно во контекст на наводите дека транскриптите биле доставени на самите рочишта, без претходен целосен пристап до аудио-материјалите.

Одлуката на Стразбур ќе има сериозни последици – ќе се тресе ли и „Титаник“?


Во поширок контекст, предметот „Кочан против Македонија“ отвора системско прашање за употребата на прислушуваните материјали од масовното незаконско следење на комуникациите во судските постапки поврзани со предметите на СЈО. Со самото тоа што Стразбур ја комуницира апликацијата и поставува директни прашања за фер судење, законитост на доказите и еднаквост на оружјата, станува јасно дека Судот ја третира оваа тема како суштинска правна дилема, а не како техничко процесно прашање.

И ова не е прв пат Судот во Стразбур да постапи вака. Да се потсетиме: минатата година во ноември, безмалку цели пет години откако поранешната министерка за внатрешни работи Гордана Јанкулоска се пожали до Европскиот суд за човекови права за повреда на правото на правично судење во случајот „Тенк“, до македонските власти конечно пристигна абер од Стразбур. За тоа ексклузивно пишуваше Плусинфо (види линк на крајот на оваа статија). И во таа комуникација со македонската влада, Судот во Стразбур прашува дали е точно дека обвинетата Јанкуловска немала реална можност да ја оспори автентичноста на снимката, ниту пристап до целокупниот материјал со кој располагало Обвинителството, вклучително и до потенцијално ослободителни или олеснителни снимки. За Судот во Стразбур и во тој случај клучно прашање е дали во услови кога доказите потекнуваат од тајно прислушување, биле почитувани стандардите на член 6 од Европската конвенцијата за човекови права – дали принципите на контрадикторност на постапката и еднаквост на оружјата биле навистина почитувани, или Обвинителството било во привилегирана позиција.

Ако дојде до повторно судење за Кочан, како ќе се врати имотот на неговата компанија „Трансмет“?


Конечната одлука на Европскиот суд во врска со апликацијата на Сеад Кочан ќе има потенцијално значајни импликации не само за конкретниот предмет „Труст“, туку и за целокупната судска пракса во Македонија во однос на користењето на прислушувани разговори како докази, особено во случаи каде нивното потекло, втентичност и процесна употреба се предмет на сериозни правни спорови. Ова може да има значајни имликации и врз предметот „Титаник“, во кој ститици нелегални снимки смс-пораки се користени како докази, на истиот начин.

Во случајот „Труст“, пак, евентуалната пресуда на Судот за човекови права во полза на Сеад Кочан ќе има страшни финансиски последици. Имотот нма компанијата „Трансмет“ е конфискуван и во најголем дел раскрчмен. Ако се утврди повреда на правото на правично судење според член 6 од Европската конвенција, тоа ќе значи и повторување на целата судска постапка.

Поврзани вести