Skip to main content

Собранието ги констатираше оставките, Таравари веќе не е министер

Собранието на денешната седница ги констатираше оставките кои од функциите ги поднесоа министерот за здравство, Арбен Таравари, заменик-министрите за земјоделство Фљакрон Беџети и за одбрана Елфете Исмаили од редовите на Алијанса за Албанците. Ниту Таравари ниту двајцата заменик-министри не беа присутни на денешната собраниска седница за да ги образложат оставките, нивниот пример денеска го следи и Националниот координатор за нови техногии Блерант Рамадани…

Во Вреди сметаат дека станува збор само за неколкумина индивидуалци, додека останатите, ќе продолжат да бидат дел од Владата и новоформираната партија „Вреди“. Билал Касами оценува дека сега има и трета Алијанса за Албанците, но за нив се важни да ги задржат гласачите кои претходно го гласаа Таравари. Прашан кој ќе ги замени тие што поднесоа оставка во Владата, рече дека во тек се консултации со премиерот и деновиве ќе бидат познати нивните имиња.

Овие денови ќе се знаат имињата на министри, заменик министри. За нас е тоа важен процес, затоа што министерството за здравство е многу важно министерство за да имаме резултати кои сме ги нуделе на граѓаните на последните парламентарни избори. Само индивидуи кои соработуваат на некој начин или форма со ДУИ не се добредојдени, но ние цениме дека Алијанса на Албанците и сите кои сакаат да останат во Алијанса на Албанците и следователно на тоа и на Вреди, се добредојдени. Така да веќе почна тоа како процедура – изјави Касами.

Во меѓувреме, Вреди ја официјализираше и новата пратеничката група која сега брои 9 пратеници. Координаторот Беким Ќоку очекува десетиот пратеник кој ќе им се приклучи да биде Салим Сулејмани од крилото на Таравари, кој викендов се повлече од партиските функции, но веројатно ќе ја задржи пратеничката функција. Ќоку упати апел и до другите пратеници, особено до оние го поддржаа крилото на Арбен Таравари, да се вратат во групата.

Освен пратеникот Сулејмани, по различен пат со Таравари тргна и вицепремиерот за добро владеење Арбен Фетаи кој веќе извесно ќе остане дел од Владата. Тој во ТВ интервју синоќа изјави изјави дека Алијансата за Албанците сѐ уште е дел од Владата, бидејќи, како што рече, од вкупно 50 државни функционери именувани на позиции од редовите на партијата, само тројца досега поднеле оставка.

Поврзани вести