
Претседателката Гордана Сиљановска Давкова, премиерот Христијан Мицкоски, претседателот на Собранието Африм Гаши и министри и претставници на јавниот и општествениот живот денеска присуствуваа на приемот организиран од Амбасадата на Германија по повод Денот на германското единство.
– На претседателот Франк-Валтер Штајнмајер и на германскиот народ им го честитам Националниот ден, со искрени желби за натамошен напредок, стабилност и просперитет. Повторното обединување на германскиот народ по падот на Берлинскиот ѕид во 1990 година претставува историски чин за цела Европа. Овој ден нè потсетува дека мирот и стабилноста се градат со почитување на човековото достоинство, со силата на правото и со дијалог и разбирање.
Верувам дека македонско-германските односи како традиционално блиски и пријателски ќе продолжат да се развиваат и унапредуваат, напиша претседателката Сиљановска Давкова на Фејсбук.