Skip to main content

Сиљановска-Давкова од Криволак: Она што го прави НАТО со стандардите, да го прави ЕУ со Копенхашките критериуми, тие треба да важат за сите

Она што го прави НАТО со стандардите, да го прави Европската Унија со Копенхашките критериуми, порача денеска претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, од армискиот полигон Криволак, во изјава за медиумите. Таа беше дел од Денот на високи гости на вежбата „Блесок 26“.

Освен Сиљановска-Давкова како врховен командант на Вооружените сили, пред присутните се обратија и министерот за одбрана Владо Мисајловски и началникот на Генералштабот на Армијата, генерал-мајор Сашко Лафчиски, како и претставник од Командата на здружени сили на НАТО во Неапол.

– Самиот назив на оваа вежба, многу говори, „Блесок 26″. Се покажа дека не случајно се нарекува вака оваа вежба, од она што го видовме. Докажавме уште еднаш и со презентацијата, ама и со највисоките оценки за лесната пешадиска единица, дека во НАТО постојат високи стандарди за стручност, за компетентност, за подготвеност и за посветеност. Нашиот лесен пешадиски тим целосно ги исполни нив. Но, тој не постои сам за себе. Веќе напоменав во мојот говор дека успешната проверка покажува дека водството на армијата, Министерството за одбрана, носителите на највисоките армиски функции, но најмногу војниците, се најзаслужни за нашата целосна компатибилност со армиите во рамките на НАТО, истакна таа.

Таа се осврна и на процесот во врска со оценувањето на компатибилноста на Армијата.

– Денеска сме сведоци, не само ние, туку и нашите гости дека кога ве оценуваат според конкретни високи стандарди, неможе да има импровизациии и вие или ќе ги поминете или не. Мојата порака е, она што го прави НАТО со стандардите, да го прави Европската Унија со Копенхашките критериуми. Ако нас не оценуваат според исполнувањето на Копенхашките критериуми, мислам дека поинакви оценки ќе добиеме. Врочем, ако не се почитуваат високите стандарди, ако се внесуваат двојни стандарди и ако оценувањето не е според исполнувањето на стандардите, туку според барањата и потребите на соседите, сериозен проблем имаме со почитувањето, нагласи таа.

Според неа, стандардите треба да важат во сите можни институции, вклучувајќи ја и Европската Унија.

– Европски стандарди, високо профилирани армии. Европски стандарди во ЕУ, почитувани Копенхашки критериуми и, се разбира, рамноправни народи и држави во чекорењето напред. Впрочем, ние треба да се усогласиме, да бидеме стандардни во владењето на правото, во поделбата на власта, во човековите слободи и права, значи во сите неопходни претпоставки за европско функционирање на институциите. Е сега, клучните документи на ЕУ бараат, почитување на националните и културните идентитети, почитување на дигнитетот и интегритетот. Повторувам, молам компатибилност за стандардите. Впрочем, не случајно во рамките на НАТО ние сме високо профилирани, иако сме мала држава. Посакувам, доколку сме подведени под стандарди што важат за сите, да ја докажеме, исто така нашата компатибилност и со европските политички системи, и со стандардите на Европската Унија, порача претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.

Поврзани вести