
ВМРО-ДПМНЕ обвини дека лидерот на СДСМ, Венко Филипче, заедно со бугарскиот претседател Румен Радев, се единствените кои инсистираат на уставни измени како услов за напредок на Македонија на европскиот пат.
На денешната прес-конференција, портпаролот на ВМРО-ДПМНЕ, Валентин Манасиевски, оцени дека европските претставници позитивно ги оценуваат реформите што ги спроведува Владата и ја препознаваат Македонија како лидер во регионот, додека, според него, Филипче и Радев остануваат на ставот дека клучен чекор се уставните измени.
„Сите од ЕУ со внимание ги следат реформите на македонската Влада и ги поздравуваат, велејќи дека сме лидери во регионот. Само Филипче и Радев велат дека единствена реформа се уставните измени“, изјави Манасиевски.
Тој додаде дека по, како што рече, периодот на „коленичење и лековерност“ за време на владеењето на СДСМ, европските претставници сега препознаваат поинаков пристап од актуелната власт и сметаат дека Македонија заслужува предвидлив европски пат.
Манасиевски упати критики кон СДСМ и Филипче, обвинувајќи ги дека не застануваат зад македонските национални интереси и дека со своите политики му одат во прилог на официјална Софија.
„Ги прашуваме СДС и Филипче уште што повеќе сакаат да направат за да ѝ наштетат на Македонија“, рече Манасиевски.
Од ВМРО-ДПМНЕ оценуваат дека ставовите на СДСМ во однос на уставните измени се спротивни на позициите што, според нив, ги застапува актуелната Влада во преговорите поврзани со европската интеграција на државата.

Македонски


