
Повеќе од кога било на светот му се потребни одговорни лидери, рано предупредување на ризиците, како и превентивна наместо реактивна дипломатија – истакна претседателката Гордана Сиљановска-Давкова во обраќањето на „Панелот на лидери“ на тема „Мапирање на иднината, управување со неизвесностите“, што се одржа во рамките на 5. Дипломатски форум во Анталија.
Говорејќи за глобалните неизвесности, таа предупреди на растечката опасност од авторитарни тенденции и ремилитаризација, како и на сериозната криза на политичкото лидерство, соопшти кабинетот на претседателката.
Според неа, меѓународното право не може да се применува и почитува, без силни и стабилни меѓународни институции. Таа укажа на неодложната потреба од длабока реформа на ОН, но и на Европската Унија, со оглед на фактот што обете беа формирани како неопходни мировни проекти, а се соочуваат со војна.
Во врска со Западен Балкан, Сиљановска-Давкова го реафирмира ставот дека евроинтеграциите не се само политичко, туку и безбедносно прашање, а отпорноста на трети страни е возможна само ако сме внатре во ЕУ. Уште еднаш укажа дека спротивно на основните европски начела и принципи, вградени во конститутивните документи на ЕУ, е членството да се условува со преговори за идентитетски прашања, култура, историја и јазик.
На панелот учествуваа претседателот на Казахстан, Касим-Жомарт Токаев, и премиерот на Грузија, Иракли Кобахиѕе. Дискусијата ја модерира Мевлут Чавушоглу, поранешен министер за надворешни работи, пратеник во Големото национално собрание и шеф на турската делегација во ПС на НАТО.
Панелистите ги искажаа своите ставови за клучните глобални предизвици и неизвесности со кои се соочува меѓународната заедница во 2026 година, со фокус на прашањата за геополитичките тензии, економска нестабилност, климатските ризици, технолошките трансформации и безбедносните закани.
Се согласија дека зајакнувањето на мултилатералните институции е неопходно во градењето поефикасен меѓународен систем. Беше истакната важноста на антиципативната дипломатија, активното препознавање и управувањето со новите ризици, како и потребата од современи стратешки рамки што ќе ја поттикнат соработката меѓу државите во справување со заедничките глобални предизвици.

Македонски


