
Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, и денеска продолжи со реторика на поделби и етикетирања, откако иницијативата на премиерот Христијан Мицкоски за лидерска средба ја оцени како „легитимирање на изолацијата, криминалот и корупцијата“. На брифинг со новинарите, Филипче порача дека секој кој ќе присуствува на ваков состанок, според него, се става на страната на, како што рече, „тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ“.
„Кој оди на таков состанок јавно се декларира како соработник на тендер коалицијата ВМРО-ЗНАМ. Тоа е коалиција на плаќање и уцена. Време е да се знае кој е за Македонија, а кој е за криминал и корупција. За нас Европската Унија нема алтернатива“, изјави Филипче, повторувајќи ја добро познатата теза на СДСМ за техничката влада како, според нив, единствен гарант за фер избори.
Наспроти ваквите обвинувања, од Движењето ЗНАМ за Наша Македонија соопштија дека ја поздравуваат иницијативата на премиерот Мицкоски за лидерска средба, оценувајќи ја како одговорен и државнички чекор насочен кон стабилност, дијалог и политичка зрелост во чувствителен момент за државата.
„Филипче уште еднаш покажа дека СДСМ, под негово водство, нема ниту капацитет, ниту волја за конструктивен политички дијалог. Наместо аргументи и решенија, нуди говор на поделби, навреди и неосновани обвинувања“, реагираа од ЗНАМ.
Според движењето, кога недостасуваат резултати и јасна визија, се прибегнува кон стари сценарија – плашење на јавноста, теории на заговор и етикетирање на политичките противници, додека техничката влада се користи како последен штит од соочување со граѓаните.
„На Македонија ѝ е потребна политичка храброст и зрелост, а не бегање од одговорност и блокади. Потребен е отворен и искрен дијалог, а не уцени и калкулации“, порачуваат од ЗНАМ, додавајќи дека иницијативата за лидерска средба е можност сите релевантни политички чинители да покажат одговорност кон државата и граѓаните.
Во соопштението се нагласува дека одбивањето на дијалог претставува признание за слабост, а не политичка принципиелност, и дека само преку транспарентност, функционални институции и политички консензус може да се врати довербата во системот и да се обезбеди јасен и одговорен европски пат на државата.

Македонски




