
Кандидатот за Градоначалник на општина Берово од СДСМ, Илија Рунтевски, пред граѓаните испрати пораки за заедништво, континуитет и развој, истакнувајќи ја иднината на Берово како заедничка цел која ќе се гради со работа и љубов кон градот и неговите луѓе.
„Иднината на нашето убаво Берово е заедничка цел. Ќе ја градиме заедно, чекор по чекор, со посветеност,“ рече Рунтевски.
Тој упати благодарност до актуелниот градоначалник Ѕвонко Пекенски, за кого рече дека оставил силен печат во развојот на општината.
„Со гордост можеме да кажеме дека Берово е препознатливо како зелена оаза, туристички центар и место со потенцијал. Тоа е темелот врз кој треба да продолжиме. Нашата задача е јасна, да го задржиме темпото и да внесеме нова енергија и идеи за Берово да биде модерен, урбан дом за сите генерации.“
Рунтевски потенцираше дека како иден Градоначалник ќе биде секојдневно меѓу граѓаните, со отворена врата за сите, од инвеститори до млади што сакаат иднината да ја градат во Берово.
„Ќе продолжиме со модернизација на инфраструктурата, улици, тротоари, осветлување. Ќе инвестираме во паркови, градинки и спортски капацитети, за нашите деца да растат во здрава средина.“
Тој најави силен фокус на туризмот и екологијата:
„Беровско Езеро, Малешевските Планини и природата се потенцијал што мора да го негуваме. Зелено Берово мора да стане симбол на здрава животна средина.“
Во планот се и подобри социјални услуги, поддршка за ранливите категории и достапна грижа за сите.
Меѓу клучните проекти во неговата програма се: изградба на канализација и прочистителна станица во Беровско Езеро, реконструкција на кино салата, уредување на речното корито на Брегалница, пешачка патека до манастирот Успение на Пресвета Богородица, реконструкција на објектот „Стара гимназија“ како спортски центар, нов урбанистички план за поддршка на мало стопанство, реконструкција на теренот на ОПК Малешево, проширување на Домот за стари лица, брендирање на регионот како туристичка дестинација.
„Ќе продолжиме силно напред. Нашата сила е во единството. Ако изминатите години беа доказ дека можеме да го промениме Берово, сега е време за уште поголем чекор, да го издигнеме Берово на повисоко ниво кое носи развој и просперитет,“ порача Рунтевски.