Skip to main content

Потпишан Меморандум за соработка меѓу АТС Груп и турската МКЕ за соработка во одбранбената индустрија

АТС Груп – единствената македонска компанија од одбранбената индустрија попладнево потпиша меморандум за соработка со  МКЕ – најголема државна компанија од индустријата на Турција. 

Меморандумот го потпишаа Илхами Келеш, генерален директор на МКЕ, и Шефшет Демировски – сопственик и  извршен директор на АТС Груп. 

Како што истакнаа потписниците на меморандумот, со оваа соработка ќе се поттикнат активностите на двете компании и ќе се зголеми нивното присуство на меѓународниот пазар, особено во Турција и Македонија.

Соработката вклучува трансфер на технологија, техничко знаење и експертиза за производството и подобрување на производствените капацитети, модернизација на производни линии, подобрување на извозните можности, заеднички истражувања за зголемување на извозниот потенцијал на меѓународните пазари, обука и техничка помош, развој на програми за обука и подобрување на техничка експертиза. 

Исто така, меморандумот ќе опфати и заедничко вложување и отворање нова фабрика за производство на барут во Македонија со заеднички инвестиции на двете страни што ќе овозможи отворање на нови работни места.

На настанот присуствуваа министрите за одбрана и за надворешни работи и надворешна трговија, Владо Мисајловски и Тимчо Муцунски, и заменик-министерот за национална одбрана на Турција, Хеибет Муса.

Муцунски истакна дека целта на меморандумот е да воспостави рамка за соработка и решенија за одбранбената индустрија, вклучувајќи стратешки активности и производство на производи од одбранбената индустрија. Како што рече, партнерството на двете компании е од големо значење за државата како членка на НАТО.  

Потпишувањето не е само деловна одлука, рече Муцунски, туку силна порака за доверба во нашите индустриски капацитети и признание за кадровскиот потенцијал. 

Заменик-министерот за национална одбрана на Турција Хеибет Муса искажа задоволство од потпишувањето на меморандумот „кој е стратешки чекор што дополнително ќе ги зајакне односите на двете сојузнички и пријателски земји“.

Како што рече, не само што претставува документ за техничко партнерство, туку и доказ за пријателство и доверба меѓу Македонија и Турција. Од се срце верувам, рече тој,  дека нашата соработка ќе придонесе кон целите за одржлив развој и дека договорот ќе биде корисен а нашите две земји и за целиот регион.