Skip to main content

Од Кичево до ѕвездите – астронаутката Мартина Димоска ја отвора вратата кон вселената

Приватна архива на Мартина Димоска

Живеење во изолирани бази, ограничена комуникација, строго дефинирани мисиски правила и постојано тестирање на човечките и технолошките граници – ова не е научно-фантастичен филм, туку секојдневието на аналогните астронаути, професионалци кои ги симулираат вселенските мисии на Земјата. Една од нив е и Мартина Димоска, Македонка од Кичево, првата жена аналогна астронаутка од Балканот. Аналогните астронаути го отвораат патот на човештвото до Месечината, Марс и другите планетарни тела.

Димоска во разговор за МИА појаснува дека аналоген астронаут е високо квалификуван професионалец кој учествува во високо реалистични симулации на вселенски мисии на Земјата, наменети за тестирање на технологии, оперативни протоколи и човечки перформанси пред нивна примена во вистински вселенски услови, во орбита, на Месечината или при идни мисии кон Марс.

Овие мисии се одвиваат во екстремни и изолирани средини и вклучуваат спроведување на EVA процедури, научни експерименти, следење на физичка и психолошка издржливост на екипажот, како и тестирање на донесување одлуки под висок оперативен притисок.

Според Димоска, аналогните мисии претставуваат клучен дел од подготовката за човечко присуство надвор од Земјата и придонесуваат кон зголемена безбедност, ефикасност и доверливост на системите пред нивно воведување во реални вселенски програми.

Аналогните мисии се клучни затоа што овозможуваат безбедно тестирање на ситуации што во вистинска мисија би можеле да бидат животно загрозувачки“, вели Димоска.

Пат полн со препреки – но и со истрајност

Нејзиниот пат не започнал со „трасирана патека“ – напротив, како што посочува, со самото тоа што доаѓа од земја која нема национална вселенска агенција, на почетокот значи отсуство на институционална поддршка, инфраструктура и јасни патишта за вклучување во меѓународниот вселенски сектор.

Доаѓам од мала земја без национална вселенска агенција, што значи дека ништо не беше однапред дефинирано. Мораше сама да ги градам врските, знаењето и сопствената патека“, вели таа.

Димоска посочува дека нејзиниот пат започнал од љубопитноста кон науката, инженерството и прашањето како човекот функционира во екстремни услови, а се развивал низ години на посветена работа и специјализирана едукација. Во тој процес, таа има завршено низа професионални програми и тренинзи, меѓу кои нуркачка NAUI обука во Германија, Analog Mission Training во Austrian Space Forum, како и NASTAR обуки и сертификација за човечки вселенски лет. Денес таа е Senior NASTAR амбасадор и NAUI сертифициран нуркач. Паралелно, поседува формално образование како инженер на материјали и нанотехнологии на Технолошко-металуршкиот факултет при УКИМ, магистерски студии по вселенски науки на International Space University во Франција, како и постдипломски студии по комерцијални вселенски науки на Florida Institute of Technology во САД.

Паралелно со студиите и тренинзите, јас морав и да работам за да се издржувам. Тоа значеше значително поголем стрес, хроничен недостиг од одмор и постојана потреба сè што ќе заработев да го реинвестирам во сопствениот пат. За разлика од многу мои колеги, кои имаа стипендии и институционална поддршка од нивните национални вселенски агенции, стабилен животен баланс и простор за неформален нетворкинг, професионални настани и социјални активности што дополнително ја забрзуваат кариерата, јас морав да функционирам без таа мрежа на поддршка. Фактот дека бев целосно самофинансирана и постојано „растегната“ меѓу обврските, неизбежно создаваше и одредени предрасуди. Не секогаш бев перципирана на ист начин како колегите со институционална позадина, што дополнително го отежнуваше процесот на градење доверба. Мојата мотивација отсекогаш беше да покажам дека со дисциплина, знаење и истрајност може да се пробие и од помала земја“, додава Димоска.

Нејзина мисија е да се отвори првата современа опсерваторија во Македонија

И покрај тоа што веќе работи на меѓународно ниво, Димоска останува посветена на идејата да развие домашна научна инфраструктура.

Сакам Македонија да ја добие првата современа опсерваторија и лабораторија за вселенски науки, поставена во Западна Македонија. Место каде секој млад човек ќе биде добредојден“, вели таа.

Нејзината работа преку International Space Alliance (ISA) веќе донесе конкретни резултати. Еден од нив е проектот „A small patch for man, a big one for our history books“, преку кој македонско знаменце ја премина Кармановата линија со летот на Blue Origin во 2024 година.

Димоска е дел од тимот што ја има основано Граѓанско-научната космичка агенција на Македонија (ГНКА) – модел кој ја заменува улогата на државната агенција што недостига. Објаснува дека таа не е државна институција, туку граѓански и научно заснован одговор на јазот што постои.

Нов почеток во САД – и нови вселенски можности

Неодамна, таа доби EB-1A зелена карта, позната и како „Ајнштајнова виза“, која се доделува на лица со исклучителни достигнувања. Таа пред скоро време се преселила во Калифорнија и во овој период нејзин приоритет е целосно да се интегрира во американскиот вселенски сектор и да продолжи со работата што нејзиниот тим веќе ја гради. Иако поседува зелена карта, таа посочува дека сè уште нема право да аплицира на голем дел од огласите за директно вработување во NASA, кај NASA контракторите, па дури и во приватниот сегмент на вселенската индустрија, во компании како SpaceX, бидејќи државјанството на САД е задолжителен услов. Овој услов важи низ многу слоеви, од програмите за практиканти во NASA па се до астронаутските позиции. Во меѓувреме, таа е професионално ангажирана како консултант и соработува со институции кои стратешки соработуваат со NASA, со фокус на Human Spaceflight.

Како што наведува, во моментов се фокусира на вмрежување и аплицирање во ретките можности што се достапни за лица со статус на постојан жител на САД, во рамки на поширокиот вселенски екосистем.

Тоа значително го стеснува опсегот на достапни можности. Сепак, постојат неколку селективни, но исклучително значајни позиции, програми и партнерства каде што можам активно да придонесувам, да соработувам и да градам долгорочно присуство во секторот. Ова го гледам како почеток на подолг и постабилен процес на интеграција“, вели Димоска.

Порака до младите: географијата да не биде граница за нивните соништа

На младите кои сонуваат за кариера во вселенската индустрија им порачува да инвестираат во знаење и да бидат многу трпеливи, да аплицираат, да учат, да градат мрежи и да не дозволат географијата да им ги ограничи соништата. Како што вели, да не чекаат „дозвола“, признание или валидација од луѓе кои никогаш не го поминале патот по кој тие сакаат да чекорат. Таа во разговор за МИА објаснува дека патот е долг, тежок и исполнет со неизвесности, но возможен.

Ги очекуваат години пожртвуваност, неизвесност и многу работа без големи признанија. Наместо „сјаен“ живот, реалноста најчесто подразбира постојано реинвестирање и учење да се живее за мали, но значајни победи. Ако се истрајни и несебични, ќе имаат можност, и покрај сите препреки, достојно да се претстават себеси и, доколку тоа го изберат од лична одговорност, да ја претстават и државата од која доаѓаат во најдобро можно светло, иако на тој пат никогаш не добиле институционална поддршка“, вели таа.

Димоска потенцира дека таа и понатаму лично одбира да се залага за својата земја и, пред сè, да ја одржува врската и континуираната релација со Македонија – особено за оние малкумина што со сериозност и доверба пристапиле кон нејзе и нејзините соништа и им ја укажале честа да чекорат по истиот, исклучително трнлив и неизвесен пат.

Поврзани вести