Skip to main content

Обвинителството отвори предмет за заканите упатени кон новинарот Видиновски

Јавното обвинителство соопшти дека по службена должност отворило предмет за утврдување на идентитетот и за евентуалната кривична одговорност на повеќемина кои преку коментари на „Фејсбук“ упатувале сериозни закани кон новинарот и уредник на телевизијата „Канал 5“, Александар Видиновски.

„Коментарите биле објавени под видеоприлог на новинарот, кој се однесува на непрописно паркирани возила пред објектот на Амбасадата на Република Бугарија во Скопје и во себе содржеле сериозни закани, говор на омраза, ксенофобични пораки и пораки што поттикнуваат национална нетрпеливост,“ информираат од Обвинителство.

Во насока на заложбите за заштита на безбедноста на новинарите и за итно постапување за секое загрозување на медиумските слободи, се посочува во соопштението, имајќи предвид дека во конкретниот случај станува збор за новинар и за уредник што врши дејност од јавен интерес и професионални задачи, предметот е доставен на надлежно постапување на Основното јавно обвинителство Скопје со цел да преземе дејства за испитување на индициите за евентуално постоење елементи на кривично дело за кое се гони по службена должност.

Во меѓувреме и Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) изрази сериозна загриженост за нападите, омаловажувањата и за смртните закани упатени кон новинарот Видиновски.

„Овие постапки претставуваат директен напад врз безбедноста на новинарите и сериозно загрозување на слободата на изразување и правото на јавноста да биде информирана. Новинарите имаат право и обврска да известуваат за прашања од јавен интерес, без да бидат изложени на притисоци, закани или на насилство. Особено загрижуваат смртните закани, кои претставуваат кривично дело и бараат итно и ефикасно постапување од надлежните институции. Очекуваме институциите со должно внимание да ги разгледаат овие случаи и да обезбедат соодветна заштита, со што ќе придонесат кон јасна и доследна практика дека заканите, говорот на омраза и онлајн насилството кон новинарите се недозволиви“, реагира АВМУ.

Поврзани вести