Skip to main content

Николовски: Кризата во СДСМ е криза на легитимитетот на лидерството, ова е тест за Филипче

Социјални мрежи

Новинарот Љубиша Николовски смета дека случувањата во СДСМ покажуваат дека партијата се соочува со сериозна криза на лидерството и дека актуелниот претседател Венко Филипче е ставен пред сериозен тест.

Во објава на Фејсбук, Николовски наведува дека прашањата што ги отвори „Платформата“ на Игор Ивановски – Шема не се изолирани, туку постојат и меѓу членството на СДСМ. Според него, наместо тие теми да станат предмет на внатрепартиска дебата, конфликтот се сведува на персонални пресметки.

„Платформата отвора прашања што постојат и меѓу членството. Без разлика дали некој се согласува со нивните ставови, тие зборуваат за демократизација, кадровска политика, отчетност и потреба од нова визија. Наместо тие прашања да станат тема за дебата, конфликтот се персонализира“, пишува Николовски.

Тој оценува дека раководството има право да го штити единството на партијата, но предупредува дека постои опасност да се создаде впечаток дека не се толерира различно мислење.

„Во секоја политичка партија постои граница меѓу дисциплина и внатрешна демократија. Ако секоја критика се третира како напад, тогаш се намалува просторот за корекција на политиките“, наведува тој.

Истовремено, Николовски смета дека и „Платформата“ треба да биде внимателна, бидејќи секое оддалечување до степен на формирање „посебен субјект“ кој бара преговори наместо разговори може да доведе до непомирливи позиции и создавање нов политички субјект.

Според него, актуелната состојба претставува вистински тест за лидерските капацитети на Венко Филипче.

„Ова е тест за лидерството на Венко Филипче. Не толку дали ќе ја добие битката со „Платформата“, туку дали ќе покаже капацитет да интегрира различни мислења. Големите партии не се градат само со лојални луѓе, туку и со способност критичарите да останат дел од организацијата“, пишува Николовски.

Тој додава дека најголемиот проблем е што јавноста гледа опозиција која повеќе се занимава со внатрешните поделби отколку со власта, во време кога, како што наведува, граѓаните очекуваат силна и организирана опозиција.

„Кризата во СДСМ денес не е само идеолошка или програмска. Таа е пред сè криза на легитимитетот на лидерството. Старите поделби меѓу различните струи останаа, но повеќе нема лидер со доволен политички капитал што може да ги надмине и да ги интегрира во една функционална целина“, заклучува Николовски.

Во јавноста веќе се поставува прашањето дали раководството на СДСМ ќе одговори на овие критики или, како и во некои претходни случаи, ќе избере конфронтација со критичарите од сопствените редови.