
Министерот за одбрана Владо Мисајловски, во емисијата „За или против“ на Алфа ТВ, истакна дека болката од трагедијата во дискотеката „Пулс“ во Кочани никогаш нема да престане. Мисајловски вели дека тоа било најтешката ноќ во неговиот живот.
Министерот уште еднаш изрази сочувство до семејствата и роднините на загинатите.
Болката нема никогаш да прекине. Имав можност да бидам дел од Меѓународната конференција каде се разговараше на оваа тема, со многу доктори, луѓе што помогнале, но и многу луѓе што дадоа предлози во иднина за секоја трагедија, секоја случка поврзана со криза, како подобро да се дејствува, што ќе биде од сето ова и поука. Знаете дека во кризни моменти поинаку се реагира, поинаку работи свеста“, порача Мисајловски.
Тој нагласи дека Армијата одиграла значајна улога во помошта веднаш по несреќата.
Тој период, уште од првите часови, Армијата излезе на терен и во наредните денови помагавме колку што можевме. Имаше голема мобилизација, но за жал не можете да вратите ниту еден млад човек. Тоа е трагедија и навистина ми е тешко кога зборувам за тоа“, потенцира министерот.
Мисајловски упати благодарност до сите кои помогнале во справувањето со последиците од трагедијата – Армијата, униформираните лица, болничарите,…
Говорејќи за првите моменти кога дознал за трагедијата, тој нагласи дека глетката никогаш нема да ја заборави.
Во тој момент, сепак сум министер за одбрана. Веднаш отидов на работа и се формира Кризен штаб, најпрво во мојот Кабинет, а потоа и во други единици од командата“, рече Мисајловски.
Тој додаде дека имал многу повици – со генерали, амбасади, конзули.
Ние како институции сме должни секој еден да помагаме во системот да биде подобар, затоа е потребно што повеќе да се земат и возила, да се земат и различни системи, да се дополнува со средства во различни институции каде ќе имаме подирекно повеќе амбуланти, повеќе санитетски возила се што и треба на една држава во било каква трагедија“, додаде министерот.
Мисајловски истакна дека во деновите по трагедијата имало интензивна координација меѓу институциите, како и постојана комуникација со Црвениот Крст, на кој исто така му изрази благодарност за ангажманот и помошта.

Македонски

