
По изгласувањето на извештајот за напредокот на Македонија во Европскиот парламент, од чии финални формулации беа отстранети споменувањата на македонскиот јазик и идентитет, премиерот Христијан Мицкоски остро реагираше, нарекувајќи го овој момент „нов Крушевски манифест“ за Македонија.
Македонската историја е втемелена врз предавства и неправди. Тоа не е ексклузивитет на современата Македонија, туку болка која ја носиме низ вековите. Неправдата е составен дел од нашето секојдневие, но нека го чуе секој: денешниот ден не е ништо ново за нас – порача Мицкоски.
Тој оцени дека со гласањето во Европарламентот вистината излегла на површина и дека ЕУ јасно покажала што очекува од Македонија – услови кои не важат за ниту една друга држава-кандидат.
Тоа се политичари од врвен калибар, кои совршено знаат што е суштината на овие барања. Сега сè им е сервирано на тацна. Не сакам никој повеќе да ми зборува дека бугарското малцинство е проблем – уште утре можеме да го внесеме во Уставот. Но суштината е поинаква. Проблемот не е во тоа, туку во триесетгодишната стратегија која ја водат низ европските ходници против македонската нација – рече тој.
Премиерот додаде дека државата, од независноста до денес, направила бројни отстапки и помирувања, но дека вистинскиот проблем е што нејзините лидери со децении не воделе сметка за националниот интерес.
Оваа борба е и ќе биде тешка. Но ќе успееме. Малубројна земја сме со големо срце. Ги почитуваме соседите, дури и кога ќе ги фатиме живи како работат против нас. Но без взаемна почит, нема да постигнат ништо. Кога ќе почнат да не почитуваат – ќе ни бидат најголем пријател – истакна тој.
Најави дека нема да дозволи ново предавство ниту отстапување од македонските национални интереси, нагласувајќи дека неговата функција е минлива, но целта останува.
Јас сум само моментален функционер, но работам ден и ноќ за да ја реализирам целта – достоинствено членство во ЕУ. Тоа не е само цел, туку потреба за нашата држава – рече Мицкоски.
Во својата изјава тој посочи и дека моменталната блокада од Унгарија не е единствената причина за застојот во евроинтеграциите, туку дека проблемите датираат уште од 90-тите години, кога Македонија беше признаена како држава, но не и како нација.
Нашиот источен сосед има поинаква агенда. Работеа против нас повеќе од три децении. Водени се од мислата да ја уништат македонската нација и идентитет – изјави премиерот Мицкоски.