
Забрзувањето на интеграцијата на Западен Балкан, беше еден од панелите на 61. Минхенска безбедносна конференција што заврши вчера во главниот град на Баварија. Премиерот Христијан Мицкоски, кој учестуваше на овој панел заедно со еврокомесарката за проширување Марта Кос и албанскиот премиер Еди Рама, порача дека наместо европеизација на Балканот, се соочуваме со балканизација на Европа и двојни стандарди од страна на ЕУ.
Премиерот Мицкоски на панелот посветен на пристапувањето на Балканот во ЕУ, истакна дека македонскиот пат кон ЕУ „започна многу пред да започне евроинтеграцискиот процес на Албанија, дури и пред Хрватска, но за нас системот на заслуги е бајка“.
-За нас бајката стана подвижна мета. Ние сме жртви на билатеризација или, да бидам попрецизен, нашето придвижување кон ЕУ е многу комплексно. Наместо да ја донесеме Европа до Балканот, ние го донесовме Балканот во Европа. За жал, има земји членки на ЕУ кои доаѓаат од Балканот кои донесоа билатерални спорови заедно со нив во Брисел, наместо бриселските вредности да ги донесат на Балканот, рекол премиерот Мицкоски.

Премиерот во обраќањето кажа дека промената на името не бил единствен пример за мешање во внатрешните работи на суверена држава, туку и промената на знамето.
-Наш маркер е и останува да биде, да станеме дел од ЕУ, без сомнение. Слушам некои коментари тука дека имало говор во текот на првиот ден од американскиот заменик-претседател Венс и дека тој говор значел големо мешање во внатрешните работи. Промената на името, промената на знамето, промената на валутата, што се? Не се мешање во внатрешните работи. Колку долго треба да патиме од двојните стандарди? Ние тука не зборуваме за процес заснован на системот на заслуги, ние зборуваме за билатерални спорови кои не треба да имаат ништо заедничко со европските вредности, истакна Мицкоски.
Посочил дека нашата држава има целосно усогласена надворешна и одбранбена политика со ЕУ и дека сме меѓу петте земји најголеми донатори на Украина по глава на жител, а исто така го исполнивме условот два отсто за одбранбени трошоци на годишно ниво.
-Ние сме целосно усогласени со барањата за надворешната и одбранбената политика. Морам да го истакнам ова прашање, кога Русија го напаѓа и го негира украинскиот идентитет, за што и претседателот Зеленски зборуваше вчера, ние сме сите гласни, критикуваме, се бориме за правата на украинскиот народ и против оваа невидена агресија, но кога парламент на една земја членска од ЕУ го напаѓа и го негира македонскиот идентитет и мојот македонски мајчин јазик, тогаш сите молчат, заклучи Мицкоски.

Во обраќањето тој порача дека Европа нема да биде обединета без сите европски земји и дека „овој процес ќе трае додека сите аспиранти земји не станат дел од заедничката маса со останатите земји членки на Европската Унија“.