Skip to main content

Јаневска: Во 200 училишта е воведена едносменска настава, етапно ќе се воведува електронското свидетелство

Во 2026 година ќе продолжи воведувањето едносменска настава – досега 200 е бројот на училишта што се опфатени. Етапно ќе се воведува електронското свидетелство, кажа денеска на брифингот со новинарите министерката за образование и наука Весна Јаневска.

Во образованието ќе продолжат инвестициите во 2026 кога се планираат 166 во инфраструктурата, ќе има поголем буџет за наука, во март покачување на платите на наставниците во основно и средно меѓу 7,5 и 10 проценти, значајни промени во средното стручно образование, нов концепт на државна матура со два типа – стручна и гимназиска, нови закони за високото образование.

На средба со новинарите денеска ресорната министерка Весна Јаневска рече дека процесите се движат добро и е задоволна што почнува да се реализира она што требало многу порано.

Имаме учебници на кои учениците и наставниците не се жалат, има по некоја поплака но оваа година ќе биде поинаку. Направивме многу – седум закони имавме, а спремни се следните седум. Не секогаш од министерството и од министерот зависи како ќе се одвиваат работите, но јас се надевам дека ќе се одвиваат во најдобар ред, рече Јаневска.

Континуиран раст на буџетот има и за науката во која, рече, Јаневска, е направен добар исчекор и додаде дека е горда што во извештајот на Европската комисија првпат има позитивна оценка.

Како што претходно беше соопштено, новиот закон за високо образование до крајот на годинава треба да биде поставен за дискусија на Електронскиот национален регистар на прописи. Нацрт-верзијата е готова но, рече министерката, треба да го одобрат стручни лица пред да биде поставен на ЕНЕР заедно со Законот за квалитет во високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.

Меѓу најзначајните новини со новата легислатива се и построгите критериуми за напредување во академски звања и за реизбор на универзитетските професори.

Поради неисполнување услови и неправилности, досега се затворени 14 институти и контролите продолжуваат и наредната година. Како што рече Јаневска, потешко оди со одлуките за затворање факултети поради недоречености во актуелниот закон за високо образование и се очекува тој проблем да се надмине со новиот закон.

Поврзани вести