
Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија ја известува јавноста дека успешно ја заврши постапката за избор на Заменик на директорот на Македонската радио-телевизија, спроведена согласно Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги и важечките подзаконски акти. За нов Заменик на директорот на МРТ е избран Џуљиан Шабани. Избраниот кандидат, како што соопшти Програмскиот совет, има високо образование од областа на администрација и менаџмент.
Во постапката учествуваа осум кандидати, чии програми за работа беа разгледани и оценувани по принцип на анонимност, односно под шифра, без увид во идентитетот на кандидатите. По завршувањето на оценувањето и обезбедувањето на потребното мнозинство гласови, беше утврден идентитетот на избраниот кандидат, по што беше извршена проверка на исполнувањето на законските услови и комплетноста на документацијата, велат од советот.
Програмскиот совет смета дека со ова е заокружен процесот на избор на раководството на Македонската радио-телевизија, спроведен врз основа на однапред утврдени критериуми, почитување на законските процедури и принципите на еднаков третман на сите кандидати.
Од новоизбраниот Заменик на директорот на МРТ очекуваме активно да придонесе во унапредувањето на работењето на јавниот сервис, во организацијата на работните процеси и во реализацијата на програмските и развојните цели на Македонската радио-телевизија, во соработка со директорот и со вработените. Програмскиот совет и во иднина ќе продолжи да ја остварува својата стратешка улога во рамките на законските надлежности, со цел обезбедување професионален, независен и кредибилен јавен медиумски сервис во интерес на граѓаните, порачуваат од Програмскиот совет на Македонската радио-телевизија.

Македонски



