
Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова денеска присуствуваше на прием во Грчката амбасада, организиран по повод изведбата на „Кармина Бурана“ од оркестарот на нашата Филхармонија, заедно со музичари од Државниот симфониски оркестар од Солун и Софиската филхармонија.
Во пресрет на вечерашниот концерт, како што објави претседателката на Фејсбук, ја почувствува позитивната енергија и ентузијазмот што ги обединуваат уметниците од трите соседни земји околу едно од највпечатливите дела на класичната музика.
– Особен културен печат на настанот му даде настапот на младите хористки од музичкото училиште во Солун, со извонредната интерптетација на неколку грчки песни. На приемот присуствуваа и млади музичари од Кочани, кои веќе се закитиле со неколку награди за извонредното музицирање. Културната дипломатија е една од највредните инвестиции во добрососедските односи! – посочи во објавата претседателката Сиљановска-Давкова.
Македонската филхармонија, Софиска филхармонија и Државниот симфониски оркестар на Солун вечер од 21 часот во Градскиот парк на концерт насловен „Филхармонија на отворено“ во Скопје ќе настапат со заедничкиот проект – музичко-сценската кантата „Кармина Бурана“ од Карл Орф, која заедно ја изведоа и во Софија и Солун.
Концертот под отворено небо е бесплатен за посетителите. Ќе го води диригентот Најден Тодоров, а солисти ќе бидат нашата сопранистка Ана Дурловски, тенорот Николас Спанос од Грција и баритонот Иво Јорданов од Бугарија.
На концертот ќе учествуваат и Националната опера и балет, хорот на Музичкото училиште во Солун и Детскиот хор „Пиколо“.

Македонски



