
Министерот за правда Игор Филков на прес-конференција упати пораки во врска со одлуката за замена на мерката притвор со куќен притвор во случај поврзан со истрага за проневера од над осум милиони евра за Артан Груби.
Во своето обраќање, министерот потенцираше дека Министерството за правда нема да биде нем сведок кога довербата на граѓаните во правниот систем е разнишана, ниту ќе стои на страна кога јавноста со право бара одговори.
Тој нагласи дека станува збор за лице кое 14 месеци било во бегство, за кое бил утврден ризик од бегство – ризик што се остварил – и дека јавноста има право да знае врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е донесена одлуката за поблага мерка.
Министерот јавно ги повика сите инволвирани во постапката да дадат детално и транспарентно образложение за своите одлуки, потенцирајќи дека одговорноста мора да биде лоцирана со име и презиме.
Не може притворот да е правило за обични луѓе, но не и за Груби, истакна денес на прес-конференција министерот за правда, Игор Филков.
Во продолжение целата прес-конференција на министерот:
Досега јас како министер за правда, почитувајќи го начелото на поделбата на власт ниту еднаш не сум коментирал конкретни судски и обвинителски одлуки. Тоа е принципот, тоа е темел на правната држава, но денес сме сведоци на скандал кој не смее и не треба да се премолчи. Станува збор за лице осомничено за проневера на над осум милиони евра, лице кое 14 месеци било во бегство, лице за кое бил утврден ризик од бегство, ризик што се остварил и за помалку од еден ден таа мерка се заменува со куќен притвор. Ова не е само процесна одлука, ова е тест за целиот систем. Одговорноста за ваквата одлука мора да биде лоцирана со име и презиме.
Јавно ги повикувам сите актери во постапката да дадат објаснување, јавниот обвинител Даниел Коцев, да објасни врз основа на кои конкретни факти и правни аргументи е дадено мислењето за замена на притворот. Раководителот на обвинителството, Анел Фидоски, дали стои зад оваа одлука и дали смета дека ова е порака за еднаква примена на законот. Судијата на претходна постапка при Основниот кривичен суд Скопје, Марин Станевски, кои околности го надминале ризикот од бегство кај лице кое цели 14 месеци беше недостапно.
Кога станува збор за истрага за проневера од над 8 милиони евра, кога постоел ризик од бегство, што и се случи, секоја одлука за поблага мерка мора да биде кристално јасна и правно неоспорлива. Во спротивно се отвора сериозен сомнеж за селективност.
Не може за обичен граѓанин притворот да биде автоматизам, а за поранешни високи функционери да биде исклучок. Не може безбедносни индиции да станат поважни од принципот на еднаквост пред законите.
Ако постои закана, државата има механизми да обезбеди безбедност и во рамки на притворскиот систем. Ако обичен граѓанин може да остане во притвор за далеку помали износи и без претходно бегство, тогаш истите стандарди мора да важат за сите.
Дополнително, јавно ги повикувам Судскиот совет и Советот на јавни обвинители, итно да свикаат седница, да утврдат дали има одговорност за овој случај кај судијата и јавниот обвинител. Институционалната контрола мора да функционира , никој не смее да биде изземен од одговорност.
Утрово побарав и објаснување од директорот на Затвор Скопје, преку Управата за извршување на санкции бев информиран дека во текот на вчерашниот ден биле обезбедени сите услови за спроведување на мерката притвор во надлежната институција.
Недозволиво е да се тврди дека не може да се гарантира безбедност на притворено лице и тоа да стане аргумент за поблага мерка. Како министер за правда дополнително ќе побарам да се изврши вонреден надзор во Затвор Скопје, како и во останатите затвори низ Македонија во однос на безбедносната состојба.
И дозволете да констатирам нешто што граѓаните одамна го чувствуваат. Залудно носиме закони, ако не се спроведуваат, залудно менуваме регулативи ако тие важат селективно, залудно спроведуваме реформи, ако практиката ја урива довербата. Ова не е прашање на политика, ова е прашање на принцип, јас нема никогаш да молчам кога принципот на еднаквост пред законот ќе биде доведен во прашање, истакна Филков.

Македонски



