Skip to main content

Филипче: Нема да дозволам делби на СДСМ, фокусирани сме на новата програмска платформа

Претседателот на СДСМ, Венко Филипче, вели дека нема да дозволи нови поделби во партијата, ги отфрли актуелните иницијативи за превирања како неосновани и најави дека фокусот на партијата останува на подготовката на новата програма што ќе биде усвоена на конгресот во јуни.

Во гостување на телевизија Телма, Филипче посочи дека нема да дозволи создавање структури кои ќе работат во интерес на власта.

Сакам јасно да кажам, нема да дозволам втор ЗНАМ. Јас нема да дозволам повторно отцепување во период кога излегуваме со силна критика на власта, аргументираме и разоткриваме нивни криминални дејства, разоткриваме причини за запирање на евроинтегративниот пат – рече Филипче.

Посочи дека дека актуелните иницијативи кои излегуваат во јавноста засега немаат сериозна основа и не нудат конкретни аргументи.

Тие иницијативи засега се кафеански муабети, тие иницијативи засега се сведуваат на некакви непотпишани писма до медиумите во коишто никој не кажува кои се проблемите, кои се причините, затоа што мене ме повикуваат да бидам сменет и ме повикуваат на одговорност. Јас сум спремен да дебатирам на секоја тема, меѓутоа оваа партија и во минатото видела поделби. Еве видовме како се отцепи една група и отиде во движење ЗНАМ, којшто најавуваа дека ќе бидат коректор на власта, најавуваа дека некако поинаку ќе се однесуваат од СДСМ и што се случи – едно мало движење, подизведувачи на криминалните политики на ВМРО-ДПМНЕ. И само неколку луѓе имаат финансиски ќар од таа приказна – нагласи Филипче.

Во врска со предлог-програмата што ја презентира на вечерашниот Централен одбор на партијата, сподели дека ги содржи идните политики и мерки на СДСМ за граѓаните.

Основата за оваа предлог-програма доаѓа од стручните комисии на партијата и процесот на финализација на програмата ќе заврши на 7 јуни со програмски Конгрес, на којшто програмата треба да се усвои. Притоа, пред Конгресот, односно на 6 јуни, ќе се одржи меѓународен состанок со сестринските партии од регионот, на којшто ќе потпишеме заедничка декларација за европска интеграција на регионот, борба против корупцијата и борба против авторитарните режими – рече Филипче.

Додаде дека конгресот ќе биде посветен единствено на новата програма бидејќи, како што рече, „станува збор за предизвици со коишто се соочуваат сите наши сестрински социјалдемократски партии од регионот“.

Осврнувајќи се на политиките на Владата, Филипче обвини дека власта свесно ја изолира државата од Европската Унија.

Целосно сме изолирани, слепо црево. Ќе се сменат приоритетите во Европска Унија веќе нема да биде така широко отворена вратата, какви кој знае услови ќе дојдат доколку Албанија стане земја членка пред нас. И што ќе правиме ние? Што оваа влада ќе прави, кој ќе понесе одговорност – праша Филипче.

Според него, ВМРО ДПМНЕ како власт после две години покажала дека нема ниту план ниту визија за напредокот на државата и обезбедување подобра иднина за граѓаните.

Политиката се сведува на тоа дека оваа влада нема апсолутно никаков план, ниту визија, ниту пак нешто прави добро за граѓаните и за државата во изминатите две години. Пола мандат е поминат граѓаните не видоа никаков бенефит нема ниту еден голем значаен проект, освен тие што се завршуваат, почнати во времето на владите на СДСМ – рече Филипче.(МИА)

Поврзани вести