Skip to main content

Епископот Партениј му честиташе на Митрополитот Георгиј „На многаја лета“

Епископот антаниски г. Партениј му упати срдечна честитка на новоизбраниот митрополит дебарско-кичевски г. Георгиј, со што испрати порака за единство и за црковна зрелост.

„Почитувајќи ја одлуката на Светиот синод, нашето монашко братство, предводено од Старецот, Епископот Антаниски г. Партениј, му упатува срдечни честитки на новоизбраниот и молитвени благопожелби за богоблагословено архипастирско служење, исполнето со просветление, мудрост и пожртвувана љубов кон Христовото словесно стадо“, се вели во објавата на Бигорскиот манастир.

Оваа објава доаѓа само неколку дена откако на социјалните мрежи и низ повеќе градови се водеше неформална кампања и се организираа протести со барање токму епископот Партениј да биде назначен за митрополит на Дебарско-кичевската епархија.

Честитката, како што оценуваат дел од верниците, претставува знак на смирение и прифаќање на црковната одлука.

Во објавата се посочува дека изборот е извршен на денешната редовна седница на целосниот состав на Светиот архиерејски синод на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Објавена е и кратка биографија на новоизбраниот митрополит, отец Георгиј (Ѓорѓевски).

Според информациите, наречението на новоизбраниот Митрополит Дебарско-кичевски ќе се одржи на 12 јули 2025 година, на Петровден, во храмот „Св. Климент Охридски и Св. Пантелејмон“ на Плаошник.

Епископската хиротонија и свечената интронизација се закажани за следниот ден, 13 јули, на Павловден, и ќе се извршат во Соборниот храм на Охридските архиепископи „Св. Софија“ во Охрид.

Во завршницата на објавата, Бигорската братска заедница на митрополитот Георгиј му посакува: „На многаја лета!“

Поврзани вести