
Најбогатата Македонка во Детроит, 92-годишната Мариeн Илич ја доби наградата „Ќерка на Македонија“ на гала вечерта по повод 20-годишниот јубилеј на Обединетата македонска дијаспора – ОМД, што се одржа во Детроит, на која присуствуваше и претседателката Гордана Сиљановска – Давкова.
Ги сакам Македонците, добро го зборувам јазикот, но често имаме забавни случки со нашите деца бидејќи не го знаат македонскиот јазик и многу често ме прашуваат како се кажува ова, како се кажува она и јас им одговарам. Јас сум горда што сум Македонка, навистина сум горда…ние сме добри луѓе – рече Илич на доделувањето на наградата.
Таа истакна дека има прекрасен живот и на присутните Македонци, кои по повод јубилејот на ОМД и присуството на македонската делегација предводена од претседателката Сиљановска – Давкова пристигнаа од различни делови на Америка, им порача дека треба да бидат со крената глава.
Сите вие овде, секој еден од вас, треба да сте среќни за вашите семејства, да бидете со крената глава. Многу не знаат каде е Македонија. Мајка ми е од Буф, татко ми е од Битола, сум била кај моите баби и дедовци, таму е прекрасно – истакна Илич, додавајќи дека нејзините деца сакаат годинава повторно да ја посетат нашата држава.

Како што јави известувачот на МИА, таа ја сподели приказната за нејзините родители, како се случила нивната венчавка во Америка и дека од нив го научила македонскиот јазик.
На времето мајка ми требало да се венча за друг, но кога го разбрал тоа татко ми, веднаш дошол во Мичиген и успеал да ја спречи венчавката, а потоа се оженил со неа – рече Илич.
Мариeн Бајоф Илич, родена во Мичиген, САД, е македонско-американска стопанственичка, која заедно со својот сопруг Мајк Илич е основач на популарниот американски мултинационален синџир на пицерии „Литл Цезарс Пица“ со 4.000 ресторани за брза храна низ целиот свет.
Осврнувајќи се на бизнисот со сопругот, таа на шега рече дека единственото нешто што не им текнало е да го прошират и кај нас.
Ќе треба да ја однесам екипата на мојот сопруг во Македонија за да ги донесеме Цезар пиците таму – рече Илич.
Според Блумберг, таа е една од седумте најбогати жени во светот.