
Кандидатката за градоначалник на Општина Демир Капија од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Наталија Димитриева, на денешниот митинг истакна дека ја очекува многу работа и реализација на бројни проекти, со цел да се решат проблемите кои со години наназад ја кочеле општината.
„Демир Капија, за разлика од многу други општини, целосно уназадува бидејќи е водена од луѓе кои мислат само на личен интерес. Нашите граѓани очекуваат конкретни проекти, а не празни ветувања. Очекуваат дела, наместо повторно да бидат излажани. Јас ќе се борам Демир Капија да стане модерна и организирана општина, атрактивна за живеење и работа. Моја визија е град во кој секој граѓанин ќе добие внимание, почит и еднаква шанса,“ порача Димитриева.
Таа нагласи дека заедно со граѓаните може да се изгради заедница во која младите ќе остануваат, а возрасните ќе имаат мирен и достоинствен живот.
Во својата програма Димитриева најави повеќе проекти: изградба и уредување на паркови и зелени површини, чистење на дивите депонии, изработка на урбанистички планови за селата, секундарна гасификација на општината, домови за нега на стари лица, подобрување на инфраструктурата во руралните средини и покривање на градскиот пазар.
Како најважен приоритет во нејзината работа ги издвојува образованието и младите.
„Главен фокус ќе биде образованието и младите, ќе се работи на заштита на животната средина, дигитализацијата ќе биде основен инструмент за модерна општина, ќе се поттикнуваат спортот и културата, во социјалната сфера, општината ќе отвори домови и дневни центри за стари лица, дневни центри за лица со попреченост, програми за ментално здравје и советувалишта. Но знаеме и нешто друго. Дека вистинските промени доаѓаат со вистинските луѓе. Со вистински избори, со луѓе што знаат дека не можат се, но се подготвени да почнат и да истраат“, вели Димитриева.