Skip to main content

Да се направи нивелирање на платите по приоритет: Гаши порача пратениците како знаат утре да дојдат на работа

Пратениците утре сами ќе се снаоѓаат како да дојдат на работа во ситуација кога е најавен протест со блокада, изјави денеска Африм Гаши, претседател на македонското Собрание.

На денешниот брифинг со новинари тој одговори на новинарско прашање врзано за утрешната блокада на македонскиот парламент од страна на ССМ, а која треба да започне во 9 часот.

На денешната координација со пратеничктие групи зборуваме дека ќе има протест. Се договоривме сите координатори да разговараат со пратениците да најдат начин да дојдат на седница, без да го попречиме правото на протест на граѓаните. Не верувам дека некој со кола би дошол, дали ќе дојдат пеш или порано, не знам како ќе биде. Се договориме дека ние треба да продолжиме да работиме, а исто така ќе го почитуваме правото на протест – рече Гаши.

Тој не очекува дека на пратениците ќе им биде попречен и самиот влез во собраниската зграда.

МВР прави проценки како треба да се реагираа, претставници на кабинетот имаа средба со нив. МВР ги презема сите свои мерки и се надеваме дека ќе биде мирно и како што треба. Не можете вие човек да спречите да влезе – рече првиот парламентарец.

Во однос на прашањето за коментар за синдикалните барања Гаши рече дека смета дека проблемот не може да се реши само со покачувањето на платите.

Начелно, сите се бориме за благосостојба на граѓаните. Тоа е прв приоритет, но не може да се реши само со зголемувањето на платите. Тоа да зависеше од мене, веднаш би ги покачил платите. Тоа е комплексно прашање. Треба да се земе предвид целата економска слика. Мислам дека треба да се направи нивелирање на платите по приоритет, да определиме кои функции се најбитно за државата. Од таму да одиме – претседател на државата, на Собрание, премиер, пратеник, овој – оној директор… и да имаме поправедно нивелирање на платите. Мислам дека на таков начин најправедно би било да се реши тој проблем – рече Гаши.

Поврзани вести