Skip to main content

Андоновски: Реформите се добри само ако го олеснуваат животот на граѓаните 

Поврзувањето на институциите носи резултати, нуди побрзи услуги за граѓаните и тој начин на работа ја доближува државата до граѓаните и податоците зборуваат дека поврзувањето на институциите е клуч за давање на соодветни услуги за граѓаните. Граѓаните во центарот на реформите – тоа треба да биде принципот од којшто ја реформираме и јавната администрација, но и од аспект на дигитализација на услугите. Ова го истакна министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски во обраќањето на конференцијата „Граѓаните на прво место“ во рамките на проектот WeBER 3.0 за следење на реформата на јавната администрација, на Институтот за европска политика (ЕПИ).

-Недозволиво е коментарот да „не можеме да набавиме скенери“ или „не можеме да изнајмиме скенери“, да биде пречка за дигитализација. Не може да биде обврска на граѓанинот да собира документи. Тоа не враќа во 90-те години. Четриресет години веќе поминуваат откако се споменуваат реформи на јавната администрација. Реформите се добри само ако го олеснуваат животот на граѓаните и тогаш тие носат вистинска промена. Се друго е декларација и само пишување закони, рече Андоновски.

Тој рече дека Министерството во изминатиов период било фокусирано на поедноставување на процедурите без непотребни чекори и докази, да се заштедиме на време, помалку да има чекање во редови, во чекање на шалтери и најважно, нагласи Андоновски, помал простор за корупција.

-Затоа што кога процесот е јасен и стандарден и целосно изолиран од човечката одлука, тогаш можноста за корупција е најмала. На тој начин беа дизајнирани и се работи на последните услуги кои исклучително проијавија интерес кај студентите, а тоа беа ИКТ ваучерите. Идејата за нивно поставување на порталот не беше идеја само заради тоа да го популаризираме порталот, во изминатиот месец имаше 63.000 трансакции, споредено со месецот кога јас првпат влегов во Министерството имав 1.200 трансакции месечно. Тоа беше и да се покаже дека државата може да спроведе процес којшто секогаш бил сметан за коруптивен, дека преку врски се давале ваучери, дека се делеле средства кој прв ќе дојде не е услужен итн., дека може целосно да се заврти и дека секој студент којшто аплицирал добил можност да се добие ваучер. Исто чекал и тој што е син на некој политичар и тојшто неговите родители не ги познаваат. Тоа е начин како треба да се водат процесите и затоа ми е драго што тоа беше добар пример, рече Андоновски.

Министерот посочи дека е почнато надградување на документ-менаџмент системот, којшто претставува електронска архива и електронско водење на предмети во институциите.

-Наследивме ситуација кога три години немало одржување на овој систем, а само 20 институции претежно министерства го користеле. Од последните четири месеци од кога има одржување на системот, има нови 20 институции закачени на документ-менаџмент системот што значи електронска архива и сега имам најава за десет општини кои се во постапка на искористување на овие потенцијали. И во втора фаза врзано со реформската агенда со рок јуни 2026. нас ни е обврска да воведеме електронска архива од Државниот архив и тој модел веќе го работиме да биде вклучен во овој документ-менаџмент системот како подмодул на Државниот архив, а потоа да обезбедиме со индикативните проекти и средства за да обезбедиме и инфраструктура за целосна дигитализација на Државниот архив, рече тој.

Вториот аспект, додаде, е порталот за интероперабилност, односно платформата, каде што имаме зголемување од 25 проценти на бројот на институции за една година од 62 минатата годна сега имаме 75. -Бројот на трансакции за ноември е 2,6 милиони трансакции, споредено со минатата година тоа е раст од 250 проценти. Само овој начин е начинот на работа, нема друг начин, нагласи Андоновски. 

Министерот истакна дека е од големо значење да се добие коментар, критика и забелешка од луѓе кои ја следат работата однадвор и точно знаат кои се недостатоците, а кои се наоѓаат надвор од државниот систем. 

-И сме свесни сме дека постои јаз помеѓу процесот на дигитализација којшто се создава на централно ниво и она што можат општините да го направат. И  токму затоа многу важни се чекорите коишто ги преземаме изминатиот период, од најосновното, веб-страниците до бесплатните вифи зони, што се однесува на инфраструктура. И вториот елемент е проектот со дигитализација на клучните 10 услуги во општините во три фази, што ќе ги опфати сите општини, и проектот којшто го работиме поддржан од шведската и  швајцарската влада за транспарентност и дигитализација  во уште седум општини. Тоа значи дека го имаме забележано тој јаз и недостаток и наредниот период ќе бидеме фокусирани на него, потенцира Андоновски.

Бен Нупнау, заменик-шеф на ЕУ Делегацијата, истакна дека дигитализацијата е нешто што претставува напредок во сите области како што е образование, енергетика, финансирање итн, како и во реформите на јавната администрација и во врска со обезбдувањето јавни услуги.

Истакна дека реформата на јавната администрација е една од трите суштински области во интеграцијата во ЕУ и носи многу предизвивици и опипливи бенефции за граѓаните. – Затоа е суштински дел од процесот на интергација во ЕУ да ги подготви земјите-кандидати во однос на јавниот сектор за спроведување на регулативата и справувањето со предизвиците на интеграцијата во ЕУ, рече Нупнау.

Целта на проектот, што се одвивал од мај 2024 до февруари 2025, било работење на проекти поврзани со испорака на услуги на граѓаните преку дигитални алатки во три општини – Кочани, Битола и Охрид. Во Битола клучен резултат од проектот е воспоставување на првиот Дигитален културен календар на Битола, кој ги обединува културните и спортските настани во градот. Во Охрид, пак, целта беше да се направат комуналните услуги поефикасни, потранспарентни и подостапни за граѓаните, а беа изработени и упатства за подобрување на електронските услуги и електронски формулар за поднесување приговори. Во Кочани е унапредено дигиталното работење на Општината, подобрувајќи ја комуникацијата со граѓаните и користење на нивните повратни информации во донесувањето на одлуките на општината.

Поврзани вести