Skip to main content

Во ДПМ денеска ќе бидат врачени годишните награди

Друштвото на писателите на Македонија (ДПМ) денеска ќе им ги врачи наградите на добитниците чии дела се избрани за најдобри во 2025 годдина, според одлуките на жири-комисиите за секоја од петте годишни награди што ги доделува писателската асоцијација.

Како што ДПМ соопшти пред два дена, Оливера Ќорвезироска ја доби наградата „Стале Попов“ за најдобро прозно дело објавено минатата година, за нејзиниот роман „Три Марии“, издание на „Арс Ламина“. На конкурсот за оваа награда биле пријавени 17 дела, а одлуката ја донесе жири под претседателство на Соња Стојменска-Елзесер.

Бранко Цветкоски е добитник на наградата „Ацо Шопов“ за најдобра поетска збирка за книгата „Вообразби: лирски етиди од некој друг свет“ во издание на „Макавеј“, по одлука на жирито предводено од Иван Џепароски. За оваа награда на конкурсот биле пријавени 16 поетски книги.

Авторката Хана Корнети е добитничка на наградата „Ванчо Николески“ која ДПМ ја доделува за најдобра книга за деца и млади. Корнети е наградена за книгата „Илина и тајните на Бабин заб“ во издание на „Или-или“, според оценката на жирито со кое претседаваше Симона Јовановска. За оваа награда годинава конкурирале 13 книги.

За наградата „Димитар Митрев“ за книга есеи и критика за 2025 конкурирале четири наслови и е избрана книгата на Елизабета Шелева – „Книжевни созвучја и огледала“, издание на „Сивејан“, според жири-комисијата под претседателство на Наташа Аврамовска.

По неколку години пауза, ДПМ втора година ја додели и наградата „Мост“ за најдобра книга објавена на некој од јазиците што ги зборуваат заедниците во земјава. Од три книги што биле пријавени на конкурсот годинава, наградата ја доби „Embsuame Paskajore“ („Инфинитивна поука“) од Ахмет Селмани, објавена од „Академска мисла“. Со жирито што одлучуваше за оваа награда претседаваше Делвина Крлуку.

На прес-конференцијата на која беа соопштени добитниците на петте годишни награди, претседателот на ДПМ Живко Гроздановски соопшти дека е задоволен од вкупниот број пријавени дела на конкурсот. За 2025 година конкурирале 53 дела, седум наслови повеќе од минатогодишниот конкурс. Но, подеднаков одѕив немало за сите награди, така што за наградата „Димитар Митрев“ за книга есеистика годинава аплицирале четири книги, половина помалку отколку минатата година.

Со врачувањето на наградите Друштвото на писателите на Македонија денеска одбележува и 79 години од основањето. Во музичкиот дел од настанот ќе настапат Добрила Грашеска (вокал) и Бранислав Николов (гитара).

Поврзани вести