Skip to main content

„Траг“ е повеќе од изложба, таа е патување низ сенките на постоењето: Изложбата на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски отворена во Македонскиот КИЦ во Софија

Иложбата „Траг“ – заеднички уметнички проект на Стефан Анчевски и Марјан Стојаноски, двајца автори кои низ својата работа постојано ги прошируваат границите на современата визуелна уметност, беше отворена на 24 мај во Македонскиот КИЦ во Софија.

„Траг“ е повеќе од изложба. Таа е патување низ сенките на постоењето, визуелна рефлексија на она што останува зад нас – и во материјата, и во емоцијата. Преку динамична употреба на црни тонови, линии и текстури, оваа изложба го истражува присуството на отсутното и ја преиспитува темнината не како крај, туку како длабока и богата почетна точка за перцепција и созерцание.

Анчевски и Стојаноски користат комбинирани медиуми за да создадат дела што не само што се гледаат, туку и се чувствуваат. Површините што ги обликуваат нивните дела се живи – тие вибрираат, се движат, дишат. Секој слој боја, секоја линија, секоја текстура е траг – не само визуелен, туку и емотивен, интимен, човечки.

Оваа изложба нè повикува на интроспекција. Да ги почувствуваме трагите што другите ги оставаат, но и оние што ние самите ги врежуваме во времето и просторот. Таа го преиспитува односот помеѓу светлината и темнината, помеѓу она што е кажано и она што е премолчено, помеѓу присуството и отсуството.

Со оваа серија на апстрактни дела и видео инсталации, уметниците ни нудат нова перспектива – на темнината како потенцијал, на трагата како сведоштво, на уметноста како мост меѓу внатрешниот и надворешниот свет.

Ве поканувам да ја доживеете оваа изложба со сите сетила. Да се задржите пред секое дело, да го почувствувате неговиот ритам, и да го пронајдете својот личен одраз во него.

Со огромна благодарност до уметниците, организаторите и сите што ја направија оваа изложба можна – ја прогласувам изложбата „Траг“ за отворена, рече директорот на КИЦ во Софија, Зоран Пејковски, кој на уметниците им врачи благодарници.

Поврзани вести