
Во предвечерието на големиот македонски празник 23 Октомври – Денот на македонската револуционерна борба, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија се одржа свечен концерт кој ја претвори вечерта во вистинска химна на македонскиот дух, уметност и култура. Во просторот исполнет со топлина, гордост и чувство на припадност, одекнаа звуците на кларинетот и гитарата – симболично споени како гласови на една земја со длабоки корени и со непокорен идентитет.
Концертот го отворија врвните македонски уметници Петар Танески (кларинет) и Дарко Багески (гитара) – музичари кои со својата извонредна изведба и сценска харизма го претворија концертот во еден возвишен уметнички чин. Нивниот репертоар, кој ја пренесе класичната префинетост на Хендел и Моцарт, ја разгоре аргентинската страст на Пијацола, ја оживеа балканската душа на Никола Бадев и Радојка Живковиќ, и нежно го вплете македонскиот мелос – препознатлив по својата топлина, емоција и древна сила. Публиката, видливо трогната, возврати со бурен аплауз и со погледи во кои се огледуваше почит и восхит кон уметноста што спојува и надминува граници.
Во своето свечено обраќање, директорот на Македонскиот културно-информативен центар во Софија, проф. д-р Зоран Пејковски, истакна дека оваа година со особена гордост се одбележува јубилејот – 20 години од основањето на Македонскиот културно-информативен центар во Софија. Две децении посветени на културна размена, уметничка соработка, создавање мостови на пријателство и на доследна мисија – да се афирмира и негува македонската култура, јазик и духовност пред бугарската и меѓународната публика.
Овие дваесет години се доказ дека културата е најсилниот амбасадор на Македонија. Нашата песна, збор и уметност зборуваат со јазикот на срцето – јазик што сите го разбираат. Вечерва, токму во пресрет на 23 Октомври, со гордост треба да се поклониме пред сите оние што ја сонуваа, ја создаваа и ја бранеа нашата татковина со дух, со перо и со песна“, беше истакнато во поздравниот збор.
Вечерта во Софија не беше само концерт, туку празник на македонштината, на македонската душа која живее, свири, твори и дише во секој тон, во секој стих, во секој допир со уметноста. Звуците на кларинетот на Танески и топлите акорди на гитарата на Багески ја исполнија салата со нешто повеќе од музика- со енергија која сведочи дека Македонија е чувство, достоинство и вечен извор на инспирација.
Петар Танески, познат кларинетист кој дел од својот музички пат го изгради токму во Софија, и Дарко Багески, еден од најзначајните македонски гитаристи и педагози, покажаа дека македонската уметничка школа стои рамо до рамо со европската и светската елита. Нивната музика зборуваше таму каде зборовите се мали – со јазик на искреност, љубов и гордост.
Овој концерт не беше само уметнички настан. Тој беше порака, дека македонскиот дух е жив, дека нашата култура има што да каже и дека во нашата земја има вткаен огромен талент, огромна душа и топло срце.
Во ова свечено октомвриско издание, кога се навраќаме на корените на нашата револуционерна борба, Македонскиот културно-информативен центар во Софија уште еднаш потврди дека љубовта кон Македонија се живее, се негува и се споделува преку уметноста. Таа љубов се слуша во секој тон, во секој аплауз, во секој поглед исполнет со почит и гордост.
Вечерта претставуваше потсетник дека македонската култура е светлина што не згаснува – светлина што ги спојува луѓето, што негува пријателства и што ја држи живата искрата на нашиот идентитет, без разлика каде сме.
Од Софија, во чест на 23 Октомври, одекна една силна порака, а таа е: Македонија живее преку своите уметници, преку својата култура, преку љубовта на својот народ.

Македонски








