Геомагнетните снимања на археолошките локалитети во струмичко-дојранскиот регион потврдија дека овде имало цивилизација стара речиси осум милиениуми. Со снимањата се добиле и нови податоци за инфраструктурната поставеност на населбите за кои досега е познато дека имале кружна форма, со празен простор на средина, објави Телма телевизија.
Како изгледале праисториските населби во струмичко-дојранскиот регион и како биле организирани? На вакви прашања се обидуваат да добијат одговори струмичките археолози, правејќи геомагнетни снимања на локалитетите во целиот регион. Намерите се да се снимаат сите познати локалите од праисторијата. Археологот Зоран Рујак вели дека овој процес е почнат поодамна, а сега се продолжува.
Освен локалитетот Орниче геомагнетни снимања и истражување во Дојрaнско имало на локалитетот Атици, кај Црничани, село кое е на само два километра оддалеченост од Дојранското Езеро. Досегашните снимања потврдуваат дека тука имало цивилизација стара осум милениуми.