
Во рамки на 21-то издание на фестивалот Танц Фест вечер на сцената на Младинскиот културен центар (МКЦ) ќе се изведат четири концептуално различни изведби во продукција на Скопје танцовиот театар, а во соработка со домашни и меѓународни уметници.
Ќе се изведат кореографиите „Ехо на баронот“ во кореографија и концепт на Дејан Битровски. Музиката е на HERZEL, сценографија на Матеа Мијановиќ, а ќе настапат Анастасија Данчевска, Стефани Шаршмит и Нина Петрушевска. Потоа ќе биде изведена „Џез Токата“ во кореографија на Рисима Рисимкин, во која настапуваат Илина Костова и Моника Шолевска. Ова е дипломска изведба на студентки од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Претставата е инспирирана од музичка експресија и импровизација, со фокус на техничка прецизност и енергична динамика.
Публиката потоа ќе може да проследи дел од „Госпоѓиците од Авињон – Бунтот на Венерите“ во кореографија на Олга Панго, на музика на Калиопи. Инспирирана од истоимената слика на Пикасо, оваа фрагментарна балетска претстава ќе се изведе од студентки на Катедрата за балетска педагогија – УГД Штип.
Премиерно ќе се изведе кореографијата „Несовршен превод“ на Гилда Чезарио, гостин кореограф од Италија и Скопје танцовиот театар 2.
Претставата истражува што се случува кога се обидуваме да пренесеме чувство, мисла или движење од еден јазик во друг. Оваа претстава ја истражува токму таа транзиција – местото каде што настануваат грешки, празнини и нови значења. „Imperfect Translation“ е прослава на недоразбирањата како потенцијал за нова креативност, автентична комуникација и поетски израз, соопштија од Танц Фест.
Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ и онлајн на bileti.mkc.mk.
Учеството на студентите од Катедрата за современ танц при Универзитетот „Гоце Делчев“ е дел од проектот „УГД – Чекор кон светот 2025“.