Skip to main content

Самостојна изложба на Кристина Горовска

На 18 март во Културно информативниот центар (КИЦ) во Скопје ќе се отвори изложба на Кристина Горовска. Кураторот Владимир Јанчевски вели дека Горовска се претставува со 23 слики.

Сликите на Кристина Горовска не се само визуелни артефакти – тие се впечатливи изрази на опстанокот, издржливоста и надежта. Преку нив се потсетуваме на убавината што може да произлезе и од најтешките околности и на потенцијалот на уметноста да нѐ инспирира во заедничкиот стремеж кон развивање на нашето чувство за грижа, разбирање, поддршката, и можноста да се види убавина во овој наш комплексен и фасцинантен свет.

Изложбата: Преку своите 23 слики, Кристина Горовска ја вградува динамиката помеѓу светлината и бојата, изразувајќи длабоко лична борба за егзистенција наспроти соочувањето со екстремните околности. Нејзиното дело е едноставно и длабоко, обележано со концизни композиции и чисти бои, движејќи се на границата помеѓу фигурацијата и апстракцијата. Горовска во овие дела не прикажува само конструирани визуелни сцени; таа пренесува низи од проживеани искуства. Овие слики се кристализирани моменти кои го опфаќаат целиот спектар на човечкиот живот, како што откриваат и некои од насловите: несреќа, загуба, љубов, тага, осаменост, борба и себеиспитување, надеж. Вовлечени да погледнеме низ оваа призма, ние сме сведоци не само на нејзиното лично патување, туку и на една универзална борба на човечката состојба, од медитации за падот и осаменоста, преку закрепнувањето и повторното издигнување, со надежта, кон обновена радост на живеењето.

Уметноста вон од времето и просторот. Оваа изложба нѝ нуди можност да се вратиме на основните прашања за нашето постоење овде и сега. Но, и повеќе од тоа, нѝ овозможува да ја разгледаме и магичната моќ на уметноста. Уметноста има единствена способност да го надмине времето, просторот и физичките закони на природата. Тоа ни овозможува „во зрно песок да видиш свет”, како што вели англискиот поет и уметник Вилијам Блејк, доловувајќи нешто бесконечно во нешто мало и интимно, лично. Преку уметноста, можеме да се вклучиме во најдлабоките аспекти на нашето постоење, да се ослободиме од границите на нашата непосредна околина и да добиеме пристап до подлабоко разбирање на светот.

Поврзани вести