Skip to main content
Д-Р ИВАНА ЈАРЧЕВСКА, КУСТОС, УРЕДНИК НА МОНОГРАФИЈАТА „МАКЕДОНСКИ НАРОДЕН ТЕАТАР 1945-2025 ДРАМА: ПРИКАЗНИ ПОГОЛЕМИ ОД ВРЕМЕТО“

Сакавме изданието да биде интимно, да ја прикаже другата страна на МНТ

Република / Ивана Јарчевска: Низ МНТ поминале и минуваат многу големи луѓе, со мали и големи приказн, секоја вредна за запишување и помнење

Не сакавме класично издание со список на претстави, листи и табели, сакавме да биде интимно, да ја прикаже другата страна на Македонскиот нарооден театар, вели д-р Ивана Јарчевска, кустос и уредник на монографијата „Македонски народен театар 1945-2025 драма: Приказни поголеми од времето“ која денеска на пладне беше свечено промовирана во фоајето на Националниот театар во Скопје.

Изданието ги слави 80 изминати години поминати во креативна работа, развој и успеси. Низ фотографии, плакати и скици и приказните на дел од личностите кои биле и се дел од МНТ се раскажува историјата на театарот и сите оние чинители кои го направија театарот она што значи денес.

Тоа се приказните што се раскажуваат во театарските кулиси, меѓу сите чинители во театарот. Приказни што тие луѓе им ги раскажуваат на своите блиски и сега стануваат отворени за сите, кои зборуваат и ќе зборуваат за сите нас што сме дел од театарот, вели д-р Јаречвска во интервју за „Република“.

За идејата за изданието, мотивот, предизвиците при селекцијата на обемниот материјал, за драмскиот репертоар на МНТ низ годините и што беше највредното лично искуство или сознание што го добила д-р Јарчевска преку работата на оваа монографија, говори за „Република“.

Прославата на 80-от роденден на МНТ се заокружува на 29 декември, со сценскиот спектакл „Сонцето, колку е блиску сонцето“ Made in MNT на режисерот Дејан Пројковски.

Ивана Јарчевска: Монографијата се јави како потреба од повеќе причини / фото: Република

Монографијата опфаќа осум децении историја на Македонскиот народен театар. Како започна идејата за едно вакво издание и што беше клучниот мотив да се реализира токму сега?

ЈАРЧЕВСКА: Оваа година Македонскиот народен театар слави 80 години. Тоа се 80 години творечка работа, години во кои се развива уметничкиот ансамбл, се креира жива визуелна слика, се изнаоѓаат, се читаат, се систематизираат и се толкуваат различни идеи и концепти. Едноставно, се создава комплетно уметничко дело во кое докрај се искористени изразните можности на сцената, театарската и севкупната сценска уметност. Монографијата се јави како потреба од повеќе причини. Осумдесетте години се клучна појдовна точка. Потоа подолгиот период од последното издание од овој тип – монографија со повод значаен јубилеј. Исто така, тука е желбата на едно место да се синтетизираат сите периоди на театарот и неговиот развој, издание во кое минатото и сегашноста се преплетуваат и остануваат како спомен за иднината.

Насловот „Приказни поголеми од времето“ носи силна симболика. Што означува тој за Вас како уредничка и истражувачка?

ЈАРЧЕВСКА: Кога пред извесен период почнавме да размислуваме за издание што ќе следи по повод 80 години Македонски народен театар, сфативме и знаевме дека не сакаме тоа да биде класично издание со список на претстави, листи и табели. Ја имаме веб-страницата www.mnt.mk, која е комплетна и дава приказ на МНТ денес и неговата историја: ансамбл, историјат, архива и тековен репертоар со целосна креативна и актерска екипа од 1945 година до денес. Сакавме изданието да биде интимно, да ја прикаже другата страна на МНТ. На тоа се надополни и слоганот по повод 80-годишнината на театарот, кој веднаш се „залепи“ и како дел од целата монографија. Тоа се приказните што се раскажуваат во театарските кулиси, меѓу сите чинители во театарот. Приказни што тие луѓе им ги раскажуваат на своите блиски и сега стануваат отворени за сите, кои зборуваат и ќе зборуваат за сите нас што сме дел од театарот.

Ивана Јарчевска: Тоа се приказните што се раскажуваат во театарските кулиси, меѓу сите чинители во театарот / фото: Република

Како изгледаше уредничкиот процес – од првичната концепција до финалниот облик на монографијата?

ЈАРЧЕВСКА: Тоа е процес што опфаќа 80 години поставување претстави и нивно архивирање во секоја смисла на зборот. Опфаќа и развој и напредок на театарот и на сите во него. Самото создавање на монографијата е резултат и краен ефект на тој процес. Сублимирањето и селекцијата на собраниот материјал, раскажувањето на приказните и пакувањето на целиот тој материјал претставува чест за сите инволвирани во нејзиното создавање. Монографијата е продукт на реализирани претстави и минато, но и тимска работа на сите луѓе што работеа на неа.

    Со какви предизвици се соочивте при селекцијата на материјалите, имајќи ја предвид богатата и комплексна историја на МНТ?

    ЈАРЧЕВСКА: Да, историјата на МНТ е мошне богата. Станува збор за поголем број од 420 драмски претстави од повеќе од 230 автори, играни од повеќе од 630 актери, поставени од 107 режисери, повеќе од 120 сценографи, повеќе од 80 костимографи, со музика од повеќе од 130 композитори и во кореографија на повеќе од 30 кореографи. Станува збор за неколку објекти и многубројни сцени. Монографијата содржи фотографии од најголем број од претставите, избор од сценографски и костимографски скици, програмски книшки и плакати. На нив се следи историјата на театарот, неговата репертоарска политика, различните генерации актери, режисерските остварувања. Тука се и приказните на мал дел од учесниците, кои ја даваат фактографската, но и, уште поважно, интимната нишка на театарот.

    Ивана Јарчевска: Историјата на МНТ е мошне богата / фото: Република

    Кои периоди или драмски остварувања, според Вас, се клучни за развојот и идентитетот на Македонскиот народен театар?

        ЈАРЧЕВСКА: Мошне комплексна и обременета задача. Сум размислувала и сум дискутирала за ова повеќепати. Првата премиера е драмата „Платон Кречет“ – со самото тоа носи и печат на клучна претстава. „Чорбаџи Теодос“ е првата македонска драма во новоформираниот театар, а трета поставена претстава – токму во 1945 година. Петта одиграна претстава е „Сомнително лице“, култна претстава, која влегува во речиси секоја анализа на современиот македонски театар и која се игра до средината на 1980-те. Последен пат оваа драма е поставена во 2007 – и таа е мошне барана и играна. „Госпоѓа министерка“ (и онаа со Мери Бошкова, но и онаа од 2009) е уште една култна драма. „Вејка на ветрот“ (1958), „Дневникот на Ана Франк“ (1963), „Ѕидот, водата“ (1972), „Димна јуда град градила“ (најдобра на фестивалот МЕСС, Сараево, во 1974 година), „Макавејски празници“ (со која се отвора тогашната нова театарска зграда во 1983 година), „Среќна Нова ‘49“ (наградена на „Стериино позорје“, Нови Сад во 1985 година), „Буре барут“ (1994, една од најизведуваните претстави), „ММЕ кој прв почна“ (1997, исто така, една од најиграните претстави на други сцени [во земјата и во странство]), „Вечната куќа“ (2013, со која се отвора денешната зграда на театарот), првиот и вториот лиценциран мјузикл „Чикаго“ (2015) и „Мамма миа!“ (2017), до „Животот на Молиер“ (која се игра непрекинато од 2012 година), „Електра“ (2014), „Мајсторот и Маргарита“ (2015) и денешните „Силјан Штркот шанца“, „Мој термин“, „Иванов“, „12“, „Народен пратеник“…

        Колку драмскиот репертоар на МНТ низ годините бил одраз на општествените, политичките и културните промени во Македонија?

        ЈАРЧЕВСКА: Низ сите овие години на постоење на МНТ, драмскиот репертоар бил одраз и на општествено-политичките, но и на културните промени во државата. Секогаш постоеле одредени претстави што со својот уметнички концепт ги коментирале најрелевантните и најактуелните промени што се случувале во општеството. Некогаш и класичните драмски текстови со своите адаптации успеваат да го коментираат духот на времето.

          Во колкава мера ова издание ги истакнува луѓето зад институцијата – актерите, режисерите, драматурзите – како носители на една колективна културна меморија?

          ЈАРЧЕВСКА: Денес, кога ја имам монографијата во рацете и ја прелистувам, го допирам и секој миг од историјата на Македонскиот народен театар. Ги препрочитувам текстовите – и својот и на другите автори. И сфаќам дека секој текст е вистинска слика на секој од авторите. Нивна професионална и лична приказна. Секој од нив е пресликан на белите страници од монографијата. Ги читам нивните приказни и уште повеќе ги осознавам нив. Но и ја согледувам нивната љубов кон колегите, кон МНТ, кон театарот, воопшто. Кон професијата што ја одбрале.

            Дали при работата на монографијата наидовте на помалку познати или занемарени приказни што, според Вас, заслужуваат поголемо внимание?

            ЈАРЧЕВСКА: Не знам дали можам да одберам една или неколку приказни од целата таа плејада на искажувања. Секоја е со свое значење и различна емоција. Од онаа за заложбата за сѐ почесто поставување на македонски драми, преку навиките на некои актери до анатомијата на театарот протолкуван од режисерите. Приказните за детските нозе, кои висат на театарските столчиња, за почитта кон македонскиот театар надвор од границите, за хаосот зад, околу и на сцената и како тој се трансформира во жив организам што плени, за личните „патувања“ низ себе на дел од авторите на текстовите, на научените лекции на сцената, за почитта кон постарите колеги, но и за почитта кон помладите… Сите тие прават да се најдете во тој бајковит, а толку реален театарски свет.

              Ивана Јарчевска: Сумирањето и архивирањето значи собирање и толкување на тој свет за публиката да може да научи, да се опушти и осозна / фото: Република

              Што значи денес, во 2025 година, да се сумира и архивира драмската историја на МНТ?

              ЈАРЧЕВСКА: Значи одговорност и истрајност. Значи и претурање по стари фотографии и документи и нивно обработување, идентификување, сортирање, датирање, архивирање и дигитализирање. Значи сето тоа да се претстави пред јавноста за да се разбудат спомени кај некои и да се научат на нешто ново некои други. Значи да се претстави историјата за да не се заборави, да се создаде сегашноста и да се остави убав темел за утре. Значи да се создаде вечен ковчег со време, спомени и приказни, кој говори за тој театарски свет, за светот во кој постојано се работи и се сонува. А зад тој свет стојат актери, режисери, драматурзи и драмски автори, сценографи и костимографи, композитори и кореографи, преведувачи, администрација и техника. Сумирањето и архивирањето значи собирање и толкување на тој свет за публиката да може да научи, да се опушти и осознае.

                Како очекувате ова издание да влијае врз идните генерации уметници и истражувачи на македонскиот театар?

                ЈАРЧЕВСКА: „Македонски народен театар 1945−2025, драма, приказни поголеми од времето“ е издание што опфаќа документирачки материјали, историја, анализа и лични приказни за целиот овој период. Спакувана во модернистички и елегантен дизајн, потпишан од Зоран Кардула. Со самото тоа, таа е и документарна и интимна, спој на минатото и сегашноста, традицијата и модерноста. Нуди информации и сознанија, открива нови приказни, нурнува во спомените на оние што се дел од МНТ и на оние што го следат низ годините. Таа е наменета и за истражувачите и за сите уметници/театарџии и за публиката – за сите вљубеници во театарската уметност. Не дава конкретни театролошки податоци: бројки на публика или изведби, списоци на награди и гостувања или слични податоци. Но, дава развој и патување низ МНТ и широк дијапазон на емоции и сеќавања.

                  Што беше највредното лично искуство или сознание што го добивте преку работата на оваа монографија?

                  ЈАРЧЕВСКА: Со оваа монографија ми се потврди љубовта кон МНТ и театарската уметност за која верував дека постои кај сите. Следам претстави од дете. За потребите на моето високо и натамошно образование ја следев и истражував и историјата на македонскиот театар со акцент на МНТ. Откога сум во МНТ, навлегов повеќе во некои детали. Сега научив и некои мали интимни детали. Имам уште за учење. Низ МНТ поминале и минуваат многу големи луѓе, со мали и големи приказни. Секоја вредна за запишување и помнење.

                    Разговараше: Александра М. Бундалевска

                    фото: Република

                      Поврзани вести