
Во Ликовниот салон во Велес вечерва во 19.30 часот ќе биде отворена ретроспективна изложба од академскиот сликар Ангел Петров. Под наслов „Бојата на мојата душа“ ќе бидат претставени 87 дела од неговото повеќедецениско творештво и тоа: 36 пејзажи, 25 актови и 26 коњи.
Во неговите пејзажи длабоко е втемелена занаетската прецизност, и убавината на велешкото односно македонското поднебје. Актовите се суптилни, внимателни, речиси срамежливи како извор на животот, а коњите кај Петров, тие не се само животни, тие се симбол на движење, емоции и слобода, истовремено потенцирана сила – велат организаторите.
Ангел Петров (1933-2020), роден во Велес, се школувал во Средното уметничко училиште во Скопje, кај професорите Лазар Личеноски, Никола Мартиноски, Вангел Коџоман и Борко Лазески. Веќе во втората година бил награден како најталентиран од генерацијата. Образованието го продолжил во Белград, во Академијата за применета уметност која ја завршува во 1962, во класата на професорот Винко Грдан. Веќе во наредната година почнал самостојно да изложува. Реализирал 63 самостојни ликовни изложби од кои 31 во Македонија и 32 во странство. Учествувал на повеќе од 200 групни претставувања. Член е на ДЛУМ од 1967. Негови дела се наоѓаат во многу музеи, галерии, приватни колекционери во земјава и странство.