
Од 19 до 25 септември, Битола ќе биде домаќин на светската филмска елита предводена од еден од најголемите визуелни магнати на денешницата. Двапати номиниран за Оскар, но дефинитивно број еден во срцата на љубителите на вистинскиот филмски спектакл. Лаустсен е дански директор на фотографија чија четиридецениска кариера остави длабок белег во современата светска кинематографија. Како активен член на Американската асоцијација на кинематографи (ASC) и Данската асоцијација на кинематографи (DFF), Лаустсен е препознатлив по својот специфичен визуелен јазик, кој успешно ги спојува европската уметничка сензибилност и холивудската техничка прецизност, информираше Доксевски на денешната прес – конференција.
Тој потенцира и дека по првпат во историјата на Интернационалниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, досега се пристигнати апликации од над 600 филмови, импресивна бројка, која како што кажа, ја потврдува енормната глобална репутација на „Браќа Манаки“ како апсолутен светилник за филмските сниматели од сите меридијани.

Директорот на фестивалот, додаде дека навистина го радува тоа што фестивалот расте од година во година и станува еден од најзначајните фестивали, не само во регионот, туку и во светот. Во прилог на ова, посочи дека оскаровецот Воли Фистер кој минатата година беше лауреат на фестивалот, годинава се враќа повторно во Битола и ќе биде член на жирито.
Среќни сме што и оваа година, како и минатата, имаме квалитетни македонски филмови што веќе собираат доста престижни награди на интернационалното поле. Среќен сум што ќе имаме прилика да видиме дел од нив – најави Доксевски и се заблагодари на сите кои работат на фестивалот и го поддржуваат овој фестивал.
Претседателот на Друштвото на филмски работници, Марија Димитрова рече дека „Браќа Манаки“ е еден од најзначајните проекти на Друштвото.
Оваа година, за нас претставува чест и задоволство што повторно го организираме ова 47. издание. Тоа претставува за нас и огромна одговорност затоа што „Браќа Манаки“ претставува еден од најзначајните фестивали во нашата земја, меѓутоа, низ годините, успеавме да изградиме и бренд по што сме препознатливи и во светот – подвлече Димитрова.
Таа нагласи дека и на македонските филмаџии им се дава можност да ги претстават нивните филмови пред светот, како и пред домашната публика.
Сигурна сум дека оваа година, исто така, ќе имаме значителни македонски филмови што ќе бидат дел од селекцијата – додаде Димитрова.
Таа истакна дека фестивалот е поддржан од Агенцијата за филм, за таа голема доверба што им се укажува, како што рече, се многу благодарни бидејќи поддршката била значајна и овозможува да се направи фестивал од светски размери.
Директорот на Агенцијата за филм, Сашко Потер Мицевски посака уште едно успешно издание.
Оваа година, фестивалот доби зголемена поддршка. Поддршката од Агенцијата за филм беше во износ од 12 милиони денари, значително зголемена од претходната година, кога беше девет милиони денари – истакна тој на прес-конференцијата.
Роден на 15 јуни 1954 година во Олборг, Данска, Лаустсен го започнува својот формален уметнички пат студирајќи модна фотографија. Набрзо го пренасочува својот интерес кон подвижните слики и дипломира на Националната филмска школа во Данска во 1979 година. Неговите рани ангажмани во скандинавската кинематографија му носат критичко признание и ја поставуваат основата за неговиот препознатлив стил – фокус на длабока атмосфера, висок констраст и стратешка употреба на светлината.
Глобалниот успех на Лаустсен во голема мера е резултат на неговите долгогодишни партнерства со истакнати холивудски автори, како: Гиљермо дел Торо и Чад Стахелски.
Соработката со Гиљермо дел Торо резултираше со некои од визуелно највпечатливите филмови на 21 век: „Обликот на водата“ (The Shape of Water, 2017), „Алејата на кошмарите“ (Nightmare Alley, 2021) и „Франкенштајн“ (2025).
Во творештвото на Чад Стахелски, Лаустсен е визуелниот архитект на култната акциона франшиза „Џон Вик“ (John Wick), поточно на второто, третото и четвртото продолжение, каде ги редефинираше стандардите за снимање на комплексна акција и неонска естетика.
За својот исклучителен придонес, Лаустсен е повеќекратен добитник на меѓународни награди. Номиниран е за Оскар за филмовите „Обликот на водата“ и „Алејата на кошмарите“.
Неговата способност да ги трансформира наративите во уникатни визуелни искуства го позиционира меѓу највлијателните кинематографи на денешницата, а македонската публика и филмските професионалци ќе имаат ретка и ексклузивна можност да застанат очи в очи со легендата.
Како што е предвидено, фестивалот свечено ќе биде отворен на 19 септември и традиционално ќе трае една недела, односно ќе биде затворен на 25, наредниот викенд.

Македонски



