Skip to main content

Промоција на монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“

„Матица македонска“ вечер од 19 часот во „Матица ексклузив“ ќе ја промовира монографијата „Античка македонска архитектура и урбанизам“ од Меланија Шерденковска што ја објави неодамна.

„Матица“ соопшти дека првпат на научно ниво и детално се анализираат и пред стручната и пошироката македонска и светска јавност се презентираат карактеристиките на изворната античка македонска архитектура и урбанизам.

Монографијата ќе ја промовира проф. д-р Небојша Гаџиќ од Архитектонскиот факултет во Белград, кој е и еден од нејзините рецензенти. Тој посочува дека „проблематиката на архитектурата, како и урбанизмот од античкитот период во Македонија, досега многу малку се истражувани, во една ваква форма“.

Сега се добиени цврсти, сигурни и експлицитни заклучни разгледувања, кои стануваат дел од нашата поширока научна и стручна мисла и придонесуваат за нејзиниот развој… Овој труд претставува исклучително вреден придонес во развојот на научната мисла од областа на историјата на архитектурата, особено што истиот се однесува на античкиот македонски период, време кое досега скоро воопшто не е истражувано, посебно не во таков обем и низ една детална анализа. …Сметаме дека книгата ќе наиде на позитивен одѕив и исклучително голем интерес кај пошироката стручна јавност, која се занимава со архитектура, историја на архитектура и историја на уметност, нагласува меѓу другото Гаџиќ во својата рецензија.

Како што наведува „Матица“, во истражувањето кое резултира со оваа монографија, главниот метод применет од Меланија Шерденковска е компаративната анализата.

Применет е и историскиот метод, низ една конкретна анализа на развојот на архитектурата и урбанзимот во античка Македонија, како и историските прилики низ кои таа се развива, како и методот на синтеза низ кој се поставени општите карактеристики на античката македонска архтиектура и урбанизам, но и крајните согледувања. Користен е и методот на директно мерење – утврдување на опипливи, видливи елементи, за да се утврдат и објаснат архитектонските форми, како и величините, соопшти издавачката куќа.

Авторката Меланија Шерденковска е доктор на науки, вработена на Архитектонскиот факултет при УКИМ, од 1986 година, најпрво како асистент професор, а од 1997 година е раководителка на Библиотеката на Факултетот.

Авторка е на неколку повикани и отворени архитектонски конкурси, како и на повеќе проекти за ентериер. Се истакнува како авторка на поголем број трудови објавени во стручни и научни списанија и учесничка на повеќе меѓународни конференции. Во нејзината научна работа посебно место заземаат долгогодишните истражувања и тезите сублимирани во докторската дисертација „Мијачко станбено градителство – потекло, развој и дострели“, коишто во малку изменета форма се објавени во книга со истиот наслов, во издание на „Матица македонска“, информира „Матица македонска“.

Поврзани вести