Skip to main content

Праизведба на „Патот на Баба Јага“ од Хана Корнети во Театар за деца и младинци

„Патот на Баба Јага“од авторката Хана Корнети, а во режија на Хана Миленковска е насловот на новата премиера во Театарот за деца и младинци (ТДМ) која е закажана за денеска, на 24 јуни во 19 часот. Репризата е на 25 јуни, исто така во 19 часот во ТДМ во склоп на „Скопско лето“. Претставата е наменета за деца над девет години и трае 75 минути.

Во претставата играат: Никола Наковски, Анастасија Ласовска, Симона Спировска, Емра Куртишова Стојанова, Петар Стојанов и Изабела Новотни.

Ја имавме привелигијата да ја имаме авторката со нас додека работевме. Особено ми е драго што дојдовме да го работиме овој текст. Текстот е духовит, чист, питок и се надевам дека ќе успееме да создадеме едно силно, кохерентно дело за деца над 9 години, изјави на денешната прес-конфренција режисерката Миленковска.

Авторката Корнети кажа дека и е чест и задоволство што текстот кој го напишала во 2018 година сега се поставува на сцената на ТДМ. Ова е нејзино прво драмско дело кое ќе биде изведено на некоја од сцените на македонските театари. Овој драмскиот текст „ Патот на Баба Јага“ во 2018 година победи на конкурсот за драмски текст , распишан од Здружението на драматурзи и сценаристи на Р. Македонија и од Драмски театар – Скопје.

Многу е добро чувството кога гледаш на сцена како оживува делото. Претставата е важна за доследноста и има некои еколошки позадини во целата приказна. Важно е за денешните деца кои се израснати со екрани и хранење со стимули, доста беше важно да се покаже дека работите што вредат и што остануваат со нас бараат труд и време и страдање. Живееме во време каде што се уништува се што е убаво во човекот и се што е убаво во природата, во светот околу нас и мислам дека оваа претстава се труди меѓудругото да се посвети на гаењето на убавото во нас и гаењето на убавото во светот околу нас, изјави Корнети.

Од ТДМ веруваат дека претставата ќе го привлече вниманието на повеќе генерации, благодарение на сценскиот израз збогатен со автентичниот музички потпис на композиторот Ади Имери, како и впечатливиот визуелен идентитет создаден од костимографот Иван Ивановиќ и сценографот Кирил Василев.

За дваесет и четири часа, принцот Ефтим ќе стане крал. Но, спротивно од желбите на своите родители, Ефтим не сака да биде крал, туку сака да биде поет! Наместо да им каже на роделите, бескрајно ѝ кука на сестра му, Евгенија, и наместо да се соочи со стравот, наоѓа магија – или можеби клетва – и не сакајќи се претвора во кукавица. За среќа, има една единствена жена – пардон, вештерка – која може да му помогне на Ефтим да се врати во човечка форма, а тоа е Баба Јага. Тука почнува патешествие каде потргата кон човечкото се претвара во потрага по себе, желбата за својот успех се претвора во желбата за успехот на заедницата, а линија помеѓу човекот и природата се открива дека е само илузија.

Низ оваа духовита, стрмоглава авантура според македонски авторски текст, раскажана не само низ ликови туку и низ комплексни, развиени карактери, со автентични режисерски решенија кои оставаат простор за емоционалната тежина да дојде до израз, жанровски збогатена со оригинални песни кои се инстант-хитови, танц кој го доградува изразот на секој актер, учиме сите, и големи и мали, дека додека живееме во овој убав но и страшен свет, мора да сме свои, бидејќи „светот е цел кога ти си цел во него“. А како учиме? Па токму тоа е патот на Баба Јага, велат од ТДМ.

Никола Наковски го толкува ликот на принцот Ефтим и тој вели дека текстот на Корнети е многу благодарен и препорачува претставата да ја гледаат и родителите кои ќе ги донесат децата во ТДМ.

Текстот нуди многу пораки и може да се извлечат многу работи, но јас ќе се задржам на прашањата за идентитетот кој што го открива и осознава Ефтим преку претставата и на некој начин расте. Во претставата се измешани три жанра, има апсурд, реализам, мјузикл, кажа на денешната прес-конференција Наковски.

Композитор е Ади Имери кој заедно со Миленковска и Корнети ги напишаа и текстовите за сонговите. Кореографијата е на Бобан Русески, Иван Ивановиќ е костимограф, а сценографијата е на Кирил Василев.