
Почнува чествувањето на јубилејот 35 години од формирањето на првата издавачка куќа во самостојна Македонија – „Матица македонска“. Во книжарницата на „Матица“ и онлајн преку е-книжарницата, почнува годинешното издание на традиционалниот зимски саем на книгата „Книга во секој дом“. Во текот на Саемот, со јубилеен попуст за читателите ќе бидат достапни изданијата на „Матица македонска“ – од 35% па сѐ до 80%, вклучително и за најновите изданија. Покрај тоа, во текот на саемот „Книга во секој дом“, „Матица македонска“ ќе почне и со објавувањето нови изданија по повод големиот јубилеј.
Оттаму додаваат дека зимскиот саем на книгата „Книга во секој дом“ се организира повеќе од 25 години. Преку него, години наназад се потврдува дека и во време кога новите технологии земаат најсилен замав, во Македонија има сериозна и бројна читателска публика, која бара книгата соодветно да дојде до неа.
Во изминатите 25 години, од првото издание на „Книга во секој дом“ наваму се успеа да се оствари пораст на бројот на читатели, а македонската продукција да бележи огромен раст и прогрес на интересот за книги на македонски јазик со што домашните библиотеки стануваа сѐ побогати со македонски изданија. Дури во 2000 година, книгите на македонски јазик биле застапени со само 7% од вкупната продажба, во одреден период, веќе се успеа македонската продукција да биде застапена со огромни 83%, и во исто време бројот на читатели-членови на „Клуб Матица“ да покажува дека читателската публика е зголемена и за повеќе од 40 пати. Во моментов, во „Клуб Матица“ членуваат над 50.000 читатели, велат од „Матица македонска“.

Македонски



