Skip to main content

Отворена изложба на рачно изработен накит на Соња Гиздавиќ

Во галерија „КО-РА“ мал салон е отворена самостојната изложба на рачно изработен накит на Соња Драгољуб Гиздавиќ, којшто преку различни изразни форми од кожа во комбинација со монистра ја посочува нејзината креативност во текот на повеќегодишна преокупација во повеќе изразни форми.

Оваа самостојна изложба на Соња Д Гиздавиќ ја отвори Виолета Калиќ која говореше за значењето на накитот во континуитетот на сите цивилизации од праисторијата до денес, вклучувајќи ги и богатите и инспиративни археолошки артефакти во Музеите на Македонија од богатите археолошки наоѓалишта кои пленат и инспирираат.

Овие рачно изработени експонати на Соња Гиздавиќ имаат повеќекратна примена и како накит и повеќенаменски апликации, некаде се инспирирани од македонскиот фолклор и традиција, стилизирани, некаде се геометризирани, поедноставени во стилизацијата до апстрактни форми, а некаде не водат во деството во светот на фауната или пак, цветни, флорални, ја доловуваат и детското во фантазијата и имагинацијата на автораката, истакна Калиќ во своето излагање.

Накитот имал повеќекратна улога низ вековите не само естетска со својата форма, туку и со структурата на материјалите, бил трансмисија на разнородна енергија имал и култно и апотропејско значење, и бил застапен и во култните ритуали и во разнородни обредни и државни церемонии и ја одразувал моќта на различни сталежи уште од времето на Маите и Ацтеките, во Египетската цивилизација, во античката, во хеленизмот, во Римската империја, византиска, и на блискиот и на далечниот исток и бил застапен во сите епохи, од праисторијата се до денес, наведуваат од Галерија „КО-РА“.

Како што посочуваат организаторите на изложбата, Гиздавиќ ја паметиме и по првата стихозбирка „Љубовта во 7/3“, како новинарка во МРТВ, по документарните филмови, по креациите на модните ревии со истакнати личности од културниот и јавниот живот, но и по повеќе самостојни изложби кои се случуваа токму во просторот на Галерија „КО-РА“.